ПОЖАРОТ ВО „ТРЕСКА“ НЕ ГО ЗАГАДИ ВОЗДУХОТ И НЕМА ОПАСНОСТ ЗА ЗДРАВЈЕТО, РЕЧЕ ГЕРАСИМОВСКИ

    ПОЖАРОТ ВО „ТРЕСКА“ НЕ ГО ЗАГАДИ ВОЗДУХОТ И НЕМА ОПАСНОСТ ЗА ЗДРАВЈЕТО, РЕЧЕ ГЕРАСИМОВСКИOколните мерни станици во периодот од 13 април до денес не покажуваат надминување на параметрите за загаденост на воздухот, кажа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. (Фото: К. Попов)

    Пожарот во поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје на 14 април не предизвикал сериозна загаденост на воздухот, а тоа го потврдуваат информациите од околните мерни станици кои во периодот од 13 април до денес не покажуваат надминување на параметрите за загаденост на воздухот, кажа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на денешниот состанокот на општинскиот Штабот за заштита и спасување.

    Герасимовски кажа дека „Треска“ е фабрика за дрвна индустрија со материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип, а само покривните табли се од компанијата „Салонит“ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест.

    „Состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму, согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на Општината и останатите надлежни институции“, рече Герасимовски.

    Герасимовски соопшти дека увидот од МВР е завршен, но во тек е предистражна постапка на јавното обвинителство, по што Општината ќе знае како да постапи.

    „Во овој момент, Општина Центар ги чека записниците од МВР и Противпожарната служба, како и насоките од Министерството за животна средина за да знаеме како да постапиме во однос на планираното отстранување на објектите кои се наоѓаат таму“, рече Герасимовски.

    Општина Центар, согласно Законот за управување со отпад на приватен имот и во координација со надлежните институции, ќе им наложи на сопствениците во даден рок да го отстранат отпадот, а ако не го отстранат Општината ќе побара ЈП „Комунална хигиена“ за да ја преземе обврската за отстранување на разрушените бараки од фабриката и притоа сметката за тоа ќе биде на товар на сопствениците.

    На состанокот на Штабот за заштита и спасување кој го свика Герасимовски присуствуваа претставници од МВР, ЦУК, ДЗС и инспектори при Државниот инспекторат за животна средина, но немаше претставник од Противпожарната служба, иако Општината вели биле поканети.

    Пожарот во „Треска“ не беше прв досега, но беше најголем. Во гаснењето кое траеше повеќе од 2 часа учествува 55 пожарникари од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а пота градоначалничката Данела Арсовска изјави дек има сомнежи оти е подметнат.

    Во рамките на фабриката, според постојниот Детален урбанистички план, треба да се градат згради и целосно да се бетонизира овој дел од градот, за што реагираат граѓанските организации. По барање на архитектите и граѓанските организации, од ексградоначалникот на Центар Саша Богдановиќ беше распишан конкурс за тоа како да се уреди просторот и избрани најдобрите решенија. Но, конкурсот беше за џабе распишан, затоа што актуелниот градоначалник Горан Герасимовски вели дека тој не може да се реализира оти имало приватни парцели.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира