Вработените во образованието во Штип и соседните градови од истокот не го подржуваат предлогот на Владата за покачување на платите за 12 %, кој според нив е неодржлив, и ги информираа учениците дека тие ќе штрајкуваат и утре ако со Владата не се договори посоодветно решение .
„Во Штип и Карбинци, па и во соседните градови, повеќе од 90 отсто од училиштата утре ќе немаат настава, односно вработените ќе штрајкуваат сè до задоволително решение од страна на Владата. Со исклучок на градинката ‘Вера Цириви-Трена’ во Штип, чии вработени се изјасниле дека ќе ги згрижуваат децата, и во училиштето во Општина Карбинци каде вработените се поделени и половично ќе се штрајкува, односно ќе се работи“, вели претседателот на Регионалниот синдикат за образование, Маријан Костадиновски.
„Зголемувањето на платите само за 12 насто, кое ќе важи од втората половина на годината, е неодржливо и е понижувачко за вработените во училиштата. Тие инсистираат сериозно да се сфатат нивните барања и сдпоред нив, наредните седници на СОНК да бидат јавни и во преговорите со Владата автентично да се пренесува мислењето на членството“, вели Костадиновски.
Локалните медиуми објавија и за утрешниот штрајк, а по социјалните мрежи учениците ја споделуваат информацијата дека и утре ќе нема настава.
Вчера, по тричасовна средба во Владата, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), ресорните министри и премиерот се договорија за покачување на платите и прекин на штрајкот во училиштата и градинките.Покачувањето ќе биде 12 отсто, од јули, а штрајкот би требало да заврши денеска, по консултација на членството на СОНК за договореното со Владата.
„Се усогласивме, во рамки на можностите на државата, дојдовме до заеднички процент на зголемување на платите кој што би почнал најдоцна од месец јули со завршување на ребалансот на буџетот. Се работи за 12 проценти на сегашните плати, со додатоци што следуваат со закони и колективен договор. Ова е максимум што можевме да го издејствуваме“, изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков по средбата.
Тој додаде дела денеска ќе имаат консултации со членството, а во интерес на учениците, родителите и вработените, штрајкот ќе заврши на општо добро и задоволство на сите.
Т. ЈОВАНОВСКИ