Полска продолжи да го добива рускиот гас откако утрово имало краток прекин во снабдувањето, потврдија операторите на Европската Унија. Ова следува откако рускиот енергетски гигант „Гаспром“ ги извести Полска и Бугарија дека ќе престане да испорачува гас во „непријателските“ држави кои одбиваат да плаќаат во рубли.
Украина ја обвини Русија дека на овој начин ја уценува Европа, обидувајќи се да ги скрши сојузниците на Киев, додека војната влезе во третиот месец.
Операторите на ЕУ кажаа дека испораката на гас во Полска кратко време била на нула, по што продолжила. Засега нема потврда дали и во Бугарија имало прекин во снабдувањето.
Полската државна нафтена компанија „ПГНИГ“ претходно кажа дека „Гаспром“ ќе ги прекине испораките преку Украина и Белорусија во осум часот по македонско време, но дека нема потреба од повлекување гас од државните резерви и дека складиштата се полни 76%.
Владимир Путин побара од „непријателските“ држави да плаќаат за увоз на гас во рубли, што само некои од нив го прифатија.