Екипи од Инспекторатот на Град Скопје заедно со пајак службата на ЈП „Градски паркинг“ попладнево спроведоа акција за отстранување на колите паркирани во паркот Ибни Пајко. Екипите од Градот излегоа на терен и казнуваа откако утрово САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека секојдневно во овој дел се паркираат над 30-тина возила.
„По вашата објава за паркирањето врз јавните површини на паркот Ибни Пајко, во централното градско подрачје, надлежните инспектори од Градот Скопје, заедно со службите од ЈП ‘Градски паркинг‘ веднаш постапија, по што од страна на службите до овој момент беше постапено кон отстранување на 11 возила кои беа непрописно паркирани“, велат од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Од Градот најавуваат трајно решавање на проблемот со поставување нови рампи оти постојните се уништени.
„Градот Скопје дополнително во следниот период ќе работи на поправка на постојните рампи и дополнително ќе се постават заштитни столпчиња со цел оневозможување на паркирањето на возила, како и транзитирањето на возила на овој потег кои непрописно ги злоупотребуваат јавните површини“, велат од кабинетот на Арсовска.
Од Град Скопје апелира до граѓаните да не ги злоупотребуваат јавните површини, вклучително и површините со зеленило и да не ги паркираат своите возила непрописно, затоа што по истите ќе биде соодветно постапено од страна на службите и надлежните претпријатија.
А. АНТЕВСКА