ВМРО-ДПМНЕ утринава соопшти дека ако премиерот Димитар Ковачевски не е спремен да ја прифати понудата на лидерот Христијан Мицкоски за средба на која ќе договорат датум за предвремени избори, партијата е спремна да преговара со Зоран Заев и Радмила Шекеринска, поранешните претседател и потпретседател на СДСМ.
„Ковачевски да размисли убаво до 10 мај и да се изјасни за понудата, а во меѓувреме нека ги консултира органите на партијата или барем неговите политички ментори во СДСМ. Ако Ковачевски не е спремен да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, спремни сме да разговараме со секој од СДСМ кој носи одлуки, било тоа да е Заев или Шекеринска“, велат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски вчера му предложи заедничка и јавна средба на Ковачевски на која ќе договорат датум за одржување на предвремени парламентарни избори. Мицкоски кажа дека Ковачевски не треба да брза, нека размисли и очекува одговор до 10 мај. Ако не добие одговор, Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа ќе следуваат, како што кажа, сериозни и досега непрактикувани чекори.
Ковачевски му одговори веднаш на Мицкоски дека ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори, туку одговорно делување на сите политички партии и дека не прифаќа уцени.