КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА Е НЕОДГОВОРНО ВО КРИЗА ДА СЕ БЛОКИРА СОБРАНИЕТО, МИЦКОСКИ НАЈАВИ ДЕКА БЛОКАДАТА ЌЕ ПОТРАЕ

    КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА Е НЕОДГОВОРНО ВО КРИЗА ДА СЕ БЛОКИРА СОБРАНИЕТО, МИЦКОСКИ НАЈАВИ ДЕКА БЛОКАДАТА ЌЕ ПОТРАЕВМРО-ДПМНЕ објави „активна блокада“ на Собранието од 10 мај. - Димитар Ковачевски; Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека е апсолутно неодговорно во услови на криза да се блокира на Собранието, додавајќи дека пратениците не ги бираат политички партии, туку граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ објави „активна блокада“ на Собранието од 10 мај.

    „Тоа граѓаните не го заслужуваат. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи нив не ги бираат политички партии туку ги бираат граѓаните. Тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на собранието бидејќи собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Прилеп.

    Сепак, тој вели дека и покрај блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не од целата опозиција, Собранието функционира.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска беше во скопската општина Кисела Вода и кажа дека блокадата на Собранието е само прв чекор од нивната стратегија за уривање на Владата. Тој најави дека во понеделник партијата ќе расправа за следните чекори.

    „Сè што не е од интерес за граѓаните ние ќе блокираме во парламентот како прв чекор. Во понеделник ќе имаме седница на Извршниот комитет, ќе отвориме и дискусија и за вториот и за третиот чекор, ова е стратегија која што многу ќе трае. Ова нема да биде инстант акција која што ќе заврши денес или утре. Ова е стратегија која што ќе трае, јас не очекувам дека туку така ќе ја напуштат луѓето фотелјата која што ја држат“, кажа Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира