Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе испитува зошто новинарката Соња Колевска-Делевска од САКАМДАКАЖАМ.МК денеска беше повикана на службен разговор во полициската станица Центар поради објавен текст, а по поплака на државна службеничка која е раководителка во Министерството за правда.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Делевска од медиумот ‘Сакам да кажам’. Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР ниту пак таков поднесок ќе има. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина“, соопшти МВР.
Постапката на полициските службеници ја осуди и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и предупреди дека повикувањето новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите.
„Овој случај со колешката Делевска може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор. Предупредуваме дека доколку ова стане пракса може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и истовремено да ги обесхрабри тие да работат на теми кои се поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Затоа бараме од МВР да спроведе итна внатрешна истрага за овој случај“, реагира ЗНМ.
Во саботата, полицајци ѝ доставија покана на Делевска на домашната адреса, а таа денеска беше во полициската станица Центар во Скопје на „службен разговор во врска со поплака“ за претходно објавен текст. Пријавата, односно повикувањето од полицијата е во врска со објавениот текст „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“, објавен на 27 април 2022. Адвокатката за доцнењето на исплатата од Министерство за правда спорот го добила на Управен суд. Парите уште не ѝ се исплатени, но затоа Министерството ја избриша од регистарот на адвокати што даваат бесплатна правна помош за кои трошоците ги покрива Министерството.
За поканата за службен разговор во полициска станица без сторено кривично дело, туку за напишан текст со кој се вознемирила раководителка во Министерство за правда, реагираа и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи.
Хелсиншкиот комитет побара: „Државни службеници да не ја користат полицијата за заплашување новинари!“. За Хелсиншкиот комитет проблематично е тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката, која инсистирала Делевска да биде повикана во полициска станица.
Новинарскот синдикат вели дека полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена, а слободата на изразување казнувана.
„Дополнително, ваквиот чин би можел да создаде пракса на барање на суетни административци на полициски распит да се повикуваат новинари за објавени текстови, што е неприфатливо. Оттаму вознемирувањето на еден новинар го доживуваме како атак врз целата професија“, соопшти Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.
Соња Колевска-Делевска е долгогодишна истакната професионална новинарка, која покрива теми од судството и антикорупција. Таа е годинашна добитничка на „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).