Велес доби нова културна манифестација, театарски фестивал посветен на Петре Прличко. Фестивалот е насловен „5ре“, се фокусира на актуелната театарска продукција во земјава, годинава на комедијата и има ревијален карактер.
„Преку овој фестивал сакаме да му оддадеме дополнителна почит на Петре Прлилчко со популарни престави, како што беше популарен и тој. Имаме исклучително богата програма со девет претстави, шест на сцената во Велешки театар, една на отворено во Младински парк и уште две претстави за деца“, рече Ненад Витанов, режисер и дел од организацијата на фестивалот.
Започнува в четврток и ќе трае десет дена.
„На отворањето имаме чест да ја доделиме актерската награда ‘Петре Прличко‘, што ќе му биде врачена на Игор Џамбазов“, рече актерот Жарко Спасовски.
Публиката ќе може да ги види претставите „Слуга на двајца господари“ на Велешки театар, „Странци“ на Драмски театар, „Да, инспекторе“ на Прилепски театар, „Вардарски пастуви“ на Театар Комедија, „Пасивно пушење“ на Штипски театар и „Не се клади на Енглези“ на МНТ, како и стенд ап настап на Тино и Атанас. Детските претстави во придружната програма се „Чунгалунговски, Пепелашка и принцот Тортичка“ на Штипски театар и „Супербајкастично“ на Театарот за деца и младинци.
Влезниците по цена од 200 денари се пуштени во продажба, а детските претстави се бесплатни, но со претходно набавување билет. Основач и покровител на фестивалот е Општина Велес, а организатор е здружението „Плус публика“ од Велес.
П. ПЕЧКОВ