Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е приоритет на германската влада, вели германскиот канцелар Олаф Шолц, кој смета дека пристапните преговори со Македонија и Албанија треба да почнат веднаш. Според Шолц, евроинтеграцијата на регионот е во интерес на самата ЕУ.
„Успешната интеграција во ЕУ на нашите партнери од Западен Балкан е во интерес на самата ЕУ. Затоа, тоа е на врвот на политичката агенда на германската влада“, изјави Шолц, додавајќи дека станува збор за кредибилитетот и геостратешката рационалност на ЕУ.
Германскиот канцелар конкретно ги спомена Македонија и Албанија, на заедничката прес-конференција со холандскиот премиер Марк Руте по нивната средба во Хаг.
„Мислам дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, кои беа ветени пред две години, би требало да почнат сега“, кажа Шолц.
Двете земји не можат да ги почнат преговорите со ЕУ поради бугарското вето за Македонија поради историски и јазични прашања.
Пред самитот ЕУ-Западен Балкан во јуни, Шолц планира да го посети Западен Балкан.
Холандскиот премиер Марк Руте дава поддршка за германската иницијатива за забрзување на евроинтегративниот процес за Западен Балкан.
„Сите заедно во Европската унија се обидуваме да направиме сè што е во наша моќ Западен Балкан да остане стабилен и да најдеме решение за проблемите што постојат таму, посебно во однос на Северна Македонија и Бугарија. Тоа е можно само ако Германија преземе водечка улога“, рече Руте.