Совет на Општина Штип на последната седница донесе одлука за кофинансирање со 15 проценти во меѓународниот проект за изградба на адреналинско-авантуристички парк кој треба да биде помогнат од Швајцарската агенција за обнова и развој во износ од 19.964.000 денари .
Проектот ќе се реализира преку Центарот за развој на Источно планскиот регион во соработка со Министерството за локална самоуправа за што се создадени основните услови за апликација пред Швајцарската Агенција за развој.
„Адреналинско-авантуристичкиот парк е еден од трите проекти со кој Источно-планскиот регион ќе аплицира пред Швајцарската агенција и Министерството за Локална самоуправа . Имаме проект за уредување на коритото на реката Брегалница во Делчево и поставување мерни инструменти за водостојот и проект за селектирање на отпад за општините Пробиштип, Кочани Виница Македонска Каменица и Штип“, вели раководителот на Центарот за развој на ИПР, Зуица Ангелова.
Штипјани сметаат дека нивниот проект е најатрактивен, па токму и заради тоа Советот на Општината едногласно донесе одлука од буџетот да се издвојат 3.550.000 денари за изградба на aдреналинско-авантуристичкиот парк со што го исполнуваат основниот услов за аплицирање пред Швајцарската агенција за развој и соработка и ресорното министерство. .
„Адреналинско-авантуристичкиот парк ќе се простира на 7.100 метри квадратни и ќе содржи, детско инклузивно игралиште и простор за сензорни игри за деца со посебни потреби, катче за одмор и релаксакција за сите граѓани, потоа атлетска, велосипедска и пешачка патека, игралиште за мини голф, терен за стрелаштво со лак и стрела и парк за домашни миленици. Целиот простор ќе биде хортикултурно и парковно уреден“, вели еден од координаторите на проектот, Никола Илиев, претставник на Секторот за Локален економски развој во Општината Штип.
Според првичната проектна документација, паркот ќе се гради во излетничките месност Суитлак и Бриони во Штип на истата локација каде пред 30 години беше поставен камен темелник за Универзална спортска сала, но тој проект не се реализираше. Штипските планери сметаат дека сега постојат поголеми услови новиот проект да се реализира бидејќи во овие месности веќе постои Зоолошка градина, фудбалско игралиште со рефлектори, а пред две години почна да се гради и зимски базен.
И од Општината Штип и од ИПР се оптимисти дека со наредни проекти може да се реализира и дамнешната желба на штипјани за изградба и на Универзална спортска сала за што постојат просторни можности, а во непосредна близина на овој комплекс се наоѓа и локацијата на браната на реката Отиња чија изградба е започната.
Т. ЈОВАНОВСКИ