ЌЕ ГО НАПРАВИМЕ СКОПЈЕ НАЈЧИСТО ВО НЕГОВАТА ИСТОРИЈАТА ДО КРАЈ НА МАНДАТОТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“

    ЌЕ ГО НАПРАВИМЕ СКОПЈЕ НАЈЧИСТО ВО НЕГОВАТА ИСТОРИЈАТА ДО КРАЈ НА МАНДАТОТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“Се планира поставување на полуподземни контејнери-Директорот Енус и градоначалничката Арсовска во акцијата „Генералнка викенд“.(Фото: Комунална хигиена“

    До крајот на нашиот мандат Скопје ќе биде најчисто во историјата на градот, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз. Тој на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како е задоволен од хигиената низ градот и реакциите на граѓаните за преполни контејнери и валкани улици, вели дека откако е дојдено новото раководство во претпријатието и во Град Скопје се забележува значително подобрување.

    „Не ми се допаѓа и не сум задоволен колку градот е чист, но видливо е дека има значително подобрување. Има моменти кога има преполни контејнери, но нашите екипи се постојано на терен и интервенираат, се праќа дежурно возило да го подигне сметот. Имаме план и стратегија како Скопје до крајот на нашиот мандат да го направиме најчисто во неговата историјата. Само 6 месеци сме на фунција и не можеме веднаш сè да средиме. Но, направивме многу за овој период. Ја ставивме во функција целата механизација за чистење и подигнување на смет, а претходно се работело само со 60 отсто од капацитетите. Еко-контролата е постојано на терен и се следи ситуацијата каде има полни контејнери и веднаш се реагира. Јас сум постојано на терен и гледам каде не е чисто“, вели директорот Енуз.

    За решавање на грдата слика со преполни контејнери се планира поставување на полуподземни садови, со што нема да расфрла и развлекува ѓубре насекаде.

    „Минатата недела со градоначалничката Данела Арсовска бевме во работна посета на турскиот град Конја, каде разменивме искуства и договоривме помош и во делот на хигиената. Ќе поставиме полуподземни контејнери и во сите ќе има ГПС уреди кои ќе покажуваат колку се полни. На тој начин службите компјутерски ќе пратат кој контејнер е речиси полн и веднаш ќе се оди да се празни. Нема да има преполнување“, додава Енуз.

    Со доаѓањето на новото раководство променет е режимот на собирање ѓубре од куќите во Општина Карпош односно наместо попладне камионите минуваат наутро. Директорот објаснува дека тоа е направено бидејќи попладне има многу метеж во сообраќајот, па возилата со саати се движат низ улиците додека го соберат ѓубрето.

    „Сите граѓани се навремено известени, им доставивме летоци, а објавивме и на нашата страна. Можеби некој не видел па затоа не ја изнесол кантата пред двор и нормално дека вработените не го подигнале ѓубрето бидејќи во дворовите не смеат да влегуваат“, вели директорот Зуди Енуз.

    Во наредниот период се предвидува промена на режимот на собирање на ѓубрето и во Општина Ѓорче Петров.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира