ИНТЕНЗИВНО СЕ ГРАДИ БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА КАЈ ШТИП

    ИНТЕНЗИВНО СЕ ГРАДИ БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА КАЈ ШТИПМестото каде треба да се протега 30-метарскиот насип на браната на реката Отиња кај Штип. (Фото: СДК.МК)

    Браната на реката Отиња кај Штип која се гради по течението во месноста Ќемер е големо градилиште. Изминатите десетина дена големи камиони превезуваа огромни цевки за потребите на браната. Цевките се со обем за човек да помине низ нив, а за да се транспортираат до крајната локација мораа да поминуваат низ центарот на градот.

    Кај насипот на браната се донесени големи цевководи во должина од 1.165 метри кои ќе служат за испуст на водата од реката додека се гради браната, а по изградбата ќе служи за непходниот испуст на водата. (Фото: СДК.МК)

    Во Ќемер, каде треба да биде насипот на браната, истоварени се големите цевководи, а на терен работат работници на неколку градежни компании. На официјалната табла пишува: „Одобрението бр. 27 Уп-141/ 2020 од 14.07.2020 година е издадено од Министерството за транспорт и врски. Изведувачи се: Стентон градба ДОО Битола, Ногај груп-Турција и Бауер БГ ДОО, Скопје . Надзор е градежниот институт Македонија АД Скопје, а проектанти се Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, Градежниот факултет и ‘Чакар партнерс’ од Скопје.

    Не беше тешко да дојдеме до местото каде што се изведуваат работите затоа што на сите страни се пробиени патишта, и долу каде е течението на реката и горе каде треба да биде 30-метарскиот насип. И горе и долу имаше машини и групи работници кои ги извршуваа своите работи.

    Наидовме на група работници од скопската фирма „Гео хидро инженеринг“ кои на овој проект ќе работат најмалку три месеци. Се работи без прекин и дење и навечер, па затоа над насипот се поставени рефлектори кои ќе овозможат ноќна работа.

    Стручни екипи на „Гео хидро инженеринг“ вршат испитување на карпите 30 метри под земја и со инјектирање ги затвораат бушотините кои можат да пропуштаат вода со што ќе се спречи подземното губење на водата од браната. (Фото: СДК.МК)

    „Ние практично правиме брана под браната. Со бушотини го испитуваме составот на подземните карпи да се види состојбата на таа карпа, а потоа ќе го утврдиме водопропустот на карпите. Кога ќе завршат сите овие подземни операции ќе се изврши инектирање на сите бушотини и шуплини што се ноаѓаат во карпите за да се намали губитокот на вода при експлоатација на браната“, велат стручњаците на „Гео хидро инженеринг“.

    Сите ангажирани работни групи минатата недела ги посети министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој речиси секоја недела доаѓал на местото на браната и вршел увид во извршените работи.

    „Штип е еден од ретките градови кој нема во своја близина никаква акумулација. Браната ќе носи еко и економска корист, па наместо со вода од водоводот, зелените површини во градот ќе се наводнуваат со водата од браната. Со изградбата на браната ќе се создадат услови за изградба на викенд зони, шеталишта и повеќе други рекреативни елементи. Акумулацијата ќе располага со 3 милиони кубни метри вода и целата инвестиција изнесува околу 5 милиони евра или во денарска противвредност над 306 милиони денари“, рече Бочварски.

    Бочварски, кој е од Штип и живее во најблиската населба на браната, ги отрфла сите поранешни инсинуации дека водата ќе понира и ќе ги загрозува населбите и додава дека досега се решени сите бетонски работи вдолж оската на браната и на цевководот кој се поставува на бетонска подлога со профил од фи 1.700 во должина 1.165 метри.

    „Добро е што оваа акумулација останува во буџетот и во новиот предлог за 2022 година на Министерството за транспорт и врски. Се надевам дека браната ќе биде готова до крајот на наредната година, што ќе претставува една капитална инвестиција не само за Штип туку и за регионот“, рече Бочварски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира