Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ побара од Град Скопје при доделувањето лиценци за летни дискотеки да се поднесе и проект за озвучување. Со писмо испратено до сите советници во Град Скопје тие предлагаат сопствениците на дискотеките да бидат обврзани да постават озвучување со кое звукот ќе биде единствено насочен кон подиумот и со тоа нема да ечи цел град во текот на ноќните часови.
„Светската пракса има многу вакви успешни решенија каде значајно се намалува ширењето на звукот кон околината, а квалитетот на звукот на подиумот се подобрува. Истовремено, сакаме да потенцираме дека дискотеките се граничат со Зоолошката градина и сериозно сме загрижени за загрозување на животот и на животните кои се дел од Зоолошката градина. Животните со години ја трпат тортурата со прегласна музика во ноќните часови кога биолошки тие треба да спијат. Загадување со звукот е најголем проблем и го загрозува здравјето на луѓето и на животните подеднакво. Се чини дека никој не размислува за овој вид загадување на градот“, се вели во дописот „Шанса за Центар“ до советниците на Град Скопје.
Од „Шанса за Центар“ прашуваат дали се размислува доделувањето на лиценцата освен што носи права за дискотеките да создаде и обврски?
„Очекуваме дека при формирање на цената за лиценците се мислело и на жителите на Скопје и на животните во Зоолошката градина. Дали има цена со која и се одзема мирот на граѓаните и на животните?. Ниту една парична сума не е доволно висока кога се уништува секојдневието на животните кои се сместени во Зоолошката, но и на граѓаните кои живеат во поширокото подрачје околу Градскиот парк. Очекуваме дека со вакво задолжување на носителите на лиценца ќе им се олесни функционирањто во текот на периодот кога работат, а со тоа ќе се подобри и соживотот помеѓу институциите на Град Скопје, граѓаните и угостителите“, додаваат од „Шанса за Центар“.
Денеска на дневен ред седницата на Советот на Град Скопје беше точка за зголемување на цената на лиценците за ноќните клубови и дискотеки. Новите цени, сепак, не беа изгласани, бидејќи на почетокот на седницата беше побарано точката да биде тргната од дневен ред. Тоа значи дека на сила уште е стариот ценовник од 2011 година според кој, лиценцата за кабаре е од 2.500 до 5.000 евра, за ноќен бар од 5.000 до 7.000 евра, а за дискотеки од 7.000 до 10.000 евра.
А. АНТЕВСКА