Ќе се отстранува бетонската ограда на улицата Цветан Димов во скопски Чаир. Оградата беше поставена во мај 2020 заради поголема безбедност на пешаците и велосипедистите.
Градоначалниката Данела Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе биде отстранета оградата, рече дека тоа ќе биде наскоро и најави нов проект за овој дел од градот.
„Мислам дека ќе ве изненадиме многу наскоро. Тоа е проект кој што го работиме заедно со градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу. Морам да кажам дека нема да почнеме ниту еден проект додека не се решат сите ситуации за да се одвива реализацијата брзо и ефикасно. Ќе има целисходно решение за тој дел и заедно со градоначалникот Ганиу наскоро ќе го најавиме како нов проект за чаирчани“, рече Арсовска, не кажувајќи што предвидува новиот проект.
Улицата Цветан Димов во Чаир со години важи за една од најнебезбедните улици во Скопје. Во овој дел од градот иако има пешачки мост никој не го користи, па кој како сака минува низ улицата. Возила постојано има испаркирано на коловозот и вртат полукружно иако тоа е забрането. Затоа, Град Скопје пред две години постави бетонска ограда висока еден метар во должина од 380 метри долж улицата. За да се разубави просторот на оградата беа нацртани и графити со имиња на деца кои секојдневно го минуваат овој дел.
Ексградоначалникот Петре Шилегов заедно со градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу лани во јуни на прес-конференција најавија проект за проширување во булевар со 6 ленти на улицата која сега претставува тесно грло во градот. Беше кажано дека почната е постапката за изработка на проектот, по што во 2022 би стартувале градежните работи. Како што кажа тогаш Шилегов, проширување на улицата во булевар е потребно и заради воведувањето на втората фаза од Бас рапид транзит системот од Кисела Вода до Бутел, проект кој сега е стопиран од Арсовска.
А. АНТЕВСКА