За четири часа, колку што траела синоќешната акциска сообраќајна контрола во тетовско-гостиварскиот регион, изречени се вкупно 96 мерки за пречекорување на дозволената брзина, соопшти полицијата. Ноќниот радар на тетовската полиција уловил и возило кое на автопатот на влезот во Тетово се движело со брзина од 241 километар на час.
„Ноќеска, во периодот од 22 до два часот, на подрачјето на СВР Тетово спроведена е засилена акциска контрола, во која беа откриени и законски санкционирани 96 прекршоци. Од нив, 66 на тетовското, а 30 на гостиварското подрачје. При контролата имало 41 пречекорување на максимално дозволената брзина надвор од населено место, од кои шест биле со повеќе од 70 километри на час. Регистрирани се и 55 пречекорувања на брзината во населено место, при што едно возило во Гостивар се движело со брзина од над 50 километри на час поголема од дозволеното“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
СВР Тетово апелира до возачите да не брзаат непотребно по патиштата и така да ја доведуваат во ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
З. АНДОНОВ