Професор д-р Дејан Мираковски е избран за нов ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип. Мираковски досега беше проректор за развој, инвестиции и одржување на УГД и професор на Техничко-технолошкиот факултет во Штип. Избран е за ректор со мандат од три години, со можност за реизбор и за втор мандат од три години и доаѓа на местото на проф. д-р Блажо Боев кој беше ректор во два мандата.
Мираковски е учесник на стотина научно-истражувачки проекти. Тој е активен меѓународен и национален експерт во изработка на кадастарот на емисии на загадувачки суптанции во воздухот изработен од Европската агенција за животна средина.
Во денешниот избор учествуваа професорите од Наставно-научните совети на сите факултети на Универзитетот, при што Мираковски освоил 770 поени, значително повеќе од останатите пет кандидати. Шесте кандидати се професори на Штипскиот универзитет, некои од нив и декани на факултети, а новоизбраниот ректор е со најдолг стаж уште од времето на Рударско-геолошкиот факултет во Штип кој беше основа за формирање на Универзитетот.
Т. ЈОВАНОВСКИ