СКОПЈАНИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ТРИ ДЕНА НЕ МОЖАТ ДА АПЛИЦИРААТ ОНЛАЈН ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ ОТИ НЕ РАБОТИ СТРАНАТА НА ГРАД СКОПЈЕ

    СКОПЈАНИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ТРИ ДЕНА НЕ МОЖАТ ДА АПЛИЦИРААТ ОНЛАЈН ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ ОТИ НЕ РАБОТИ СТРАНАТА НА ГРАД СКОПЈЕОд Град Скопје велат во моментов не може да се поднесе барање за инвертер оти огласот е затворен, а досега не информираа дека квотата е пополнета. (Фото: СДК.МК)

    Три дена пробуваме онлајн да аплицираме за субвенции за инвертери во Град Скопје ама џабе, страната не им работи, велат граѓани кои се јавија во нашата редакција. Велат дека од понеделникот утрото пробувале да аплицираат, но серверот постојано јавувал грешка.

    Не можав ниту да се најавам, па се јавив во Град Скопје и ми рекоа дека од таму ме најавиле и сега да пробам да аплицирам. Ама џабе, цел ден во понеделникот не работеше страната. Еве веќе трет ден пробувам, но ништо, а никој нема да информира што се случува и како се случува. Како граѓани реагираме, им пишуваме во Град Скопје, но нема никакво објаснување“, вели граѓанка која се јави во нашата редакција.

    Од Град Скопје велат дека во понеделникот имало голема навалица и затоа можеби дел од граѓаните не можеле да аплицираат. Во моментов не може да се поднесе барање за инвертер оти огласот е затворен, поплнета е квотата и сега се врши евалуација на понудите. Велат дека имало граѓани кои по 10 пати аплицирале и затоа сега се врши разгледување на апликациите и ако не се исполнат условите и останат пари огласот повторно ќе биде објавен.

    Но, од Град Скопје не информираа дека квотата е пополнета за да знаат граѓаните повеќе да не се обидуваат да аплицираат. Во понеделникот околу 17 часот од Град Скопје преку соопштение информираа дека стигнале 220 пријави, а дека според предвидените пари ќе има субвенции за 340 граѓани. Но, ни тогаш ниту пак вчера не кажаа дека квотата е пополнета.

    Од почетокот на отворањето на јавниот повик за субвенции за инвертери поднесени се 220 апликации, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците. Според проценките за исплата во максималниот износ остануваат финансиски средства за уште околу 120 барања. Доколку се исполни бројката од околу 340 барања, онлајн аплицирањето автоматски ќе биде прекинато за да се разгледаат барањата и согласно тоа да се направи проценка на финансиските средства“, соопштија во понеделникот од Град Скопје.

    Граѓаните реагираат дека никој никаде не информирал оти огласот е затворен.

    Има голем интерес од граѓаните и токму поради тоа некој треба да излезе да објасни зошто имало проблем, дали огласот е уште во тек. Од каде да знаеме ние дека пополнета била квотата, кога никој не соопштил такво нешто, туку цел ден дремеме на компјутер и чекаме серверот да проработи“, велат граѓаните.

    Град Скопје во буџетот има предвидено 24 милиони денари за субвенции за инвертер клима уреди во висина од 1.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира