ВО СКОПСКАТА ГИМНАЗИЈА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ЌЕ СЕ ПОЛАГА ПРИЕМЕН, ИМА ПРИЈАВЕНО ПЛУС 52 УЧЕНИЦИ СО СИТЕ ПЕТКИ

    ВО СКОПСКАТА ГИМНАЗИЈА „ОРЦЕ НИКОЛОВ“ ЌЕ СЕ ПОЛАГА ПРИЕМЕН, ИМА ПРИЈАВЕНО ПЛУС 52 УЧЕНИЦИ СО СИТЕ ПЕТКИВо гимназијата годинава се отворени 285 места, а во првиот уписен рок се пријавиле 353 ученици, од кои 337 се со сите петки. (Фото: СДК.МК)

    Во скопската гимназија „Орце Николов“ в понеделник ќе се полага приемен испит за упис бидејќи се пријавени повеќе ученици со просек 5.00 или 75 поени. Во гимназијата годинава се отворени 285 места, а во првиот уписен рок се пријавиле 353 ученици, од кои 337 се со сите петки. Бидејќи има 52 ученици повеќе со 75 поени, Министерството за образование донело одлука да се полага приемен испит.

    „За прв пат оваа година во ‘Орце Николов‘ ќе се полага приемен испит. Ќе се полага македонски јазик и математика од материјали за осмо и деветто одделение. Министерството одлучи дека станува збор за голема бројка која не може да се распредели како минатите години и затоа ќе има тестирање. Од 337 ученици кои се со просек 5.00, 34 деца се со дипломи од државни и меѓународни натпревари за освоени прво, второ или трето место и тие имаат автоматски еден бод плус и нема да полагаат приемен испит“, вели директорот на гимназијата „Орце Николов“ Митко Димовски.

    Резултатите од приемниот испит и листата на примени ученици ќе биде објавена истиот ден односно неколку часа по завршување на тестирањето.

    Во останатите скопски гимназии нема да има приемен испит бидејќи направена е елиминација на кандидатите според успехот. Директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“ Силвана Кржовска вели дека кај нив биле отворени најмногу места за упис во споредба со другите гимназии односно 340 или за 10 паралелки.

    „210 ученици беа со просек 5.00 или 75 поени, а за останатите места листата се правеше според успехот. Сите 340 места се пополнети“, ни изјави Кржовска.

    Годинава учениците се пријавуваа електронски наместо да поднесуваат документи во училиштата.

    Вториот уписен рок е на 21 и 22 јуни, а третиот на 28 јуни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира