ГРАДЕЖНИКОТ КОЈ ГО СРУШИ РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС НЕМАЛ ДОЗВОЛА ЗА УРИВАЊЕ НА СОСЕДНАТА КУЌА

    ГРАДЕЖНИКОТ КОЈ ГО СРУШИ РАБОТНИЧКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО ВЕЛЕС НЕМАЛ ДОЗВОЛА ЗА УРИВАЊЕ НА СОСЕДНАТА КУЌАОбјектот на РУ „Благој Страчковски“ е сопственост на државата, поради што се чека на насоки од Државно правобранителство за понатамошно постапување. (Фото: СДК.МК)

    Куќата која е во соседството на Работничкиот универзитет во Велес, се рушела без соодветна дозвола. Градежникот имал дозвола за градење,  но не и за рушење, соопшти градоначалникот на Велес, Марко Колев. По изведените градежни активности за рушење на куќата, дојде до рушење на дел од зградата на Работничкиот Универзитет.

    „Службите на Општина Велес извршија увид во целокупната постапка за добивање одобрение за градба, каде е констатирано дека се запазени сите правни процедури. Утврден е пропуст во текот на постапката за добивање на одобрение за отстранување на постоечки објект, односно по доставеното барање од страна на инвеститорот истото не е издадено од Општината поради чекање на потребните согласности. Самиот инвеститор своеволно започнал со рушење без да добие одобрение“, соопшти Колев.

    Општината на градежникот одобрение за градба  му издала во март годинава.

    Објектот на РУ „Благој Страчковски“ е сопственост на државата, поради што се чека на насоки од страна на Државно правобранителство за понатамошно постапување. Рушењето на објектот помина без човечки жртви, со причинета голема материјална штета.

    Изведувачот „Бени Амар инженеринг“ се оградува од било каква одговорност, бидејќи освен поставување на оградата немале никаква друга градежна активност. Градежникот сам ангажирал машини од Скопје со кој ја рушеле куќата. Надзорот инженер Коста Јанев, кажа дека дури по рушењето, во понеделникот, го потпишал договорот со инвеститорот. Соседите пак сведочеа дека инвеститорот отишол предлабоко и пет дена ја пумпал водата од темелите, која доаѓала, бидејќи се копало на пониско ниво од реката Вардар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира