ГРЦИ СО 30 ЏИПОВИ ДОЈДОА ДО ГРЧКИОТ ДЕЛ ОД ГРАНИЦАТА И ПОБАРАА ДА СЕ ОТВОРИ ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА ВО ПРЕСПА

    ГРЦИ СО 30 ЏИПОВИ ДОЈДОА ДО ГРЧКИОТ ДЕЛ ОД ГРАНИЦАТА И ПОБАРАА ДА СЕ ОТВОРИ ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА ВО ПРЕСПАПреминот кај Маркова Нога е затворен 55 години. (Фото: Фејсбук)

    Триесетина учесници на јубилејната петта по ред оф роуд тура низ грчкиот дел на Преспа со џипови допатуваа до преминот Герман-Маркова Нога, кој уште не е отворен иако тоа се ветуваше пред четири години, на тој начин симболично упатувајќи порака за што поскоро дигање на граничната рампата.

    „Преку 30 џипови се собраа и дојдоа до самата граница со желба дека во иднина кога ќе се отвори преминот ќе напоравиме оф роуд низ цела Преспа, низ трите држави кои го делат ова природно богатство. Целта беше да се стимулираат и политичарите да се забрза процедурата околу отворањето на преминот“, рекоа учесниците.

    Преминот кај Маркова Нога е затворен 55 години. По потпишувањето на Преспанскиот договор имаше најави од двете држави за отворање на преминот кој ќе овозможи поголема соработка на народите од двете страни на границата, заживување и развој на Преспанскиот Регион.

    На петтата преспанска оф роуд тура „Патување по стапките на мечката и историјата“ имаше само грчки учесници. Турата траеше три дена, а учесниците возеа низ асфалтни и земјени патишта во Преспа од кои се протегаа прекрасни пејсажи. (Фото: Фејсбук)

    Преспанци се жалат дека најблиското село Роби на грчка страна им е на два километра, а за да стигнат дотаму треба да минат 150 километри, односно да вратат одоколу преку другиот премин Меџитлија. Сѐ било поинаку до 1967, кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на преминот. Тогаш и сватови минувале преку граница, луѓето од двете страни на Езерото се мажеле и женеле меѓусебе. Но, со спуштањето на рампата, запре и соработката, како и туристичкиот развој во овој крај, каде од грчка страна има многу плажи кои воопшто не се во употреба.

    На петтата преспанска оф роуд тура „Патување по стапките на мечката и историјата“ имаше само грчки учесници. Турата траеше три дена, а учесниците возеа низ асфалтни и земјени патишта во Преспа од кои се протегаа прекрасни пејсажи. Ги посетија и островото Свети Ахил, Нивици, односно Псарадес, Герман или Агиос Германос, места каде се воделе битки за време на Граѓанската војна во Грција (1945-1949) и други дестинации. Меѓу организаторите е и Василопулос Стратос, угостител од грчката страна на Преспа.

    Турата на својот фејсбук профил ја поздрави и експремиерот Зоран Заев во чиј мандат се потпиша Преспанскиот договор, со кој реши 30-годишниот спор за името со Грција. Заев кажа дека да немал неодложни обврски ќе ја прифател поканата да се сретнат на преминот Маркова Нога.

    „Како поддржувач на политиките на отвореност, добрососедство и поврзување, го споделувам вашето очекување што поскоро да се отвори граничниот премин Маркова Нога што нашите две пријателски држави го преземаа како обврска од Договорот од Преспа.
    Отварањето на граничниот премин Маркова Нога е наша обврска кон сегашноста и иднината – ова е вистинското и крајно време да ја срушиме неприродната блокада на природниот тек на брегот на Преспанското Езеро. Очекувам дека во најбрз можен рок ќе се завршат неопходните инфрастурктурни интервенции и дека многу скоро ќе се најдеме таму на официјалното отворање на преминот што ги поврзува двете страни на Преспа“, напиша Заев.

    Првите најави дека пак ќе проработи преминот беа уште во 1999 година, на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија Јоргос Папандреу и Александар Димитров. Во 2009, Антонио Милошоски како министер за надворешни работи упати писмо до грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на преминот. Но, таа го одби.

    Пред седум години, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека нема да се сруши вселенски брод ако се отвори преминот. Последното ветување го дадоа експремиерите Заев и Алексис Ципрас. Но, досега работите не мрднаа од мртва точка, освен што се санира свлечиштето на патот од македонска страна во близина на преминот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира