ЌЕ ПОСКАПИ ТАКСИТО, ГРАД СКОПЈЕ ВОВЕДУВА НОВИ ТАРИФИ ВО ЗАВИСНОСТ ОД ЦЕНАТА НА ГОРИВАТА

    ЌЕ ПОСКАПИ ТАКСИТО, ГРАД СКОПЈЕ ВОВЕДУВА НОВИ ТАРИФИ ВО ЗАВИСНОСТ ОД ЦЕНАТА НА ГОРИВАТАНовите тарифи предвидуваат зголемување на цената во зависност од цената на горивата. (Фото: СДК.МК)

    Такси превозот во Скопје ќе поскапи. Град Скопје воведува нови тарифи во зависност од цената на горивото. На денешната седница на Советот на Град Скопје група советници предложи на дневен ред да се стави точка за нови цени на таксито поради зголемената цена на горивото.

    Се предлага сегашната цена по која возат таксистите 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар да биде прва тарифа и да важи кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа би се применувала кога цената на горивото е од  75,50 денари до 119,50 денари и тогаш стартот би бил 50 денари, а секој изминат километар 30 денари. Третата најскапа тарифа предвидува старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари кога цената на горивото ќе биде над 120 денари.

    Овие тарифи ги предлагаме како група советници бидејќи изминатиов период до Град Скопје дојдоа голем број барања од таксистите за коригирање на цената поради зголемената цена на горивата. Предлагаме најниска и највисока тарифа во зависност од цената на горивото на пазарот“, рече претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски кој во име на советниците ја предложи точката.

    Такси компаниите во Скопје од почетокот на годинава поради зголемување на цената на горивото ги укинаа попустите. Сега возат според официјалната цена одредена пред 10 години од Град Скопје, 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар.

    Во Скопје има 2.700 таксисти, според бројот на лиценци издадени од Град Скопје. Од Асоцијацијата на авто-такси превозници, во која се членови компаниите кои имаат свои возила и кои вработуваат таксисти, велат дека состојбата со такси превозот е лоша поради нелојалната конкуренција. Голем е бројот диви таксисти, кои не плаќаат никакви давачки кон државата и возат со стари и нееколошки возила.

    И покрај големиот број издадени лиценци, во Скопје попладне, а особено навечер не може да се најде слободна кола.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира