Премиерот Димитар Ковачевски денеска на коалиционите партнери во Владата им го претстави францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ со што, како што кажа, почнува консултативниот процес со сите политички чинители и јавноста. Ковачевски не кажа прецизно каков е неговиот став за предлогot и што за него рекле коалиционите партнери, но рече сите имале државнички став и предлогот е добра основа за да се донесе одлука за европскиот пат на земјава.
„Позицијата во која денес се наоѓаме е далеку поповолна за нас. Нашата позиција и стратегија дадоа резултат. Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изградени ставови. За да изградиме став како држава, со оваа средба денеска го почнуваме широкиот консултативен процес кој ќе продолжи со Претседателот на државата, со опозицијата и во Парламентот. Предлогот го гледаме како солидна основа за градење на сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдење во различни форми сметам дека потонаа. Како Влада се држевме до државните позиции, во преговорите во секој поглед го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет. Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвените линии, а тоа е повеќе од јасно дека е така“, кажа Ковачевски по средбата со коалиционите партнери во Владата.
Ковачевски кажа дека во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и протоколот за исполнувањ на билатералниот Договор за добрососедство со Бугарија да не биде во преговарачката рамка.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ кажа дека ако се согласиме на овој предлог тоа подразбира брзо почнување на сите процедури.
„За ЕУ најважно е да се прифати преговарачката рамка и да се започне со преговорите. Во моментот кога ние ќе се согласиме со преговарачката рамка и сите членки на ЕУ, ќе биде свикана првата Меѓувладина конференција и ќе биде усвоена преговарачката рамка. Во предлогот ги нема историските прашања кои би го оптовариле овој процес“, рече Маричиќ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека предлогот на Франција има европска компонента и билатерална компонента.
„Билатералната компонента е протоколот, тој веќе не е во европскиот пакет, но е дел од овој процесот за Бугарија да даде согласност на овој пакет“, рече Османи.
А. АНТЕВСКА