Неколку илјади граѓани вечерва под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ протестира пред Владата против францускиот предлог за францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ. Протестот закажан од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица беше поддржан и од голем број граѓани за кои, како што рекоа, овој предлог е неприфатлив бидејќи се задира во македонските национални интереси и се негира македонскиот јазик.
На протесторот говореа спортскиот новинар од Македонската радио телевизија Тони Стојановски, спикерката од нациналниот сервис Гордана Ѓорчева, новинарот Коле Чашуле, професорката Елка Јачева-Улчар, историчарката Наташа Котлар, композиторката Дарија Андовска, а на почетокот Игор Дурловски и Андријана Јаневска ја испеаја песната “Заветна” од Пепи Бафтировски. Сите во говорите кажаа дека се против овој предлог бидејќи се негира постоењето на македонскиот јазик и дека во ниту еден документ не смее да стои дека тој е бугарски дијалект.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не говореше на протестот, Тој во изјава за медиумите на почетокот на протестот кажа дека „денеска Македонија се буди и сите оние кои што сакаат со потпис за ден-два од денеска да стават крај на Македонија, ќе бидат казнети од македонскиот народ и македонските граѓани“.
„Нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме. Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец кој што говори на македонски јазик и кој што се бори за својата Македонија и за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство“, рече Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска кажаа дека се лаги и невистини изјавите дека со францускиот предлог се негира македонскиот јазик. Според нив, со овој предлог македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа, ќе биде официјален јазик на Европската Унија и нема никакви фусноти и дополнувања во преговарачката рамка.
Владата вчера го објави предлогот на Француското претседателство со ЕУ за Преговарачката рамка за Македонија, заклучоците на Советот на ЕУ и заедничката позиција на ЕУ за првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.
Претседателот Стево Пендаровски за утре напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува францускиот предлог. На седницата ќе присуствува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
А. АНТЕВСКА