ЗА КАМЕНУВАЊЕТО НА ПОЛИЦИЈАТА И НА СОБРАНИСКАТА ЗГРАДА, ИСТРАГА ЗА 8 ЛИЦА, ТРОЈЦА МАЛОЛЕТНИЦИ ЌЕ БИДАТ ВО ДРУГА ПОСТАПКА

    ЗА КАМЕНУВАЊЕТО НА ПОЛИЦИЈАТА И НА СОБРАНИСКАТА ЗГРАДА, ИСТРАГА ЗА 8 ЛИЦА, ТРОЈЦА МАЛОЛЕТНИЦИ ЌЕ БИДАТ ВО ДРУГА ПОСТАПКАВо нападот со камења, стакло, бекатонски плочки и други тврди предмети, повредени се 28 полицајци, од кои еден потешко (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со настаните пред Собранието на Република Северна Македонија на 5 јули, повело постапка против осум полнолетни лица, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Дваесет и осум  полицајци беа повредени, од кои десетина потешко, а 11 демонстранти беа приведени откако ескалираше мирниот протест против францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија кон Македонија во вторник навечер пред Собранието.

    „Осомничените, за време на јавен собир на граѓани, учествувале во толпа и заеднички дејствувале така што започнале да ја влечат заштитната метална ограда поставена од МВР. Oткако ја оттргнале оградата, со тврди предмети – камења, бекатон плочки, железни предмети, сообраќајни знаци, корпи за отпадоци, пиротехнички средства и молотови коктели започнале да фрлаат кон зградата на Собранието. Притоа, на еден полициски службеник му нанеле тешка телесна повреда, а на 27 полицајци распоредени во полициски кордон за заштита на зградата на Собранието и чување на јавниот ред и мир, им нанеле телесни повреди. Со дејствијата осомничените ја оштетиле фасадата на Собранието, искршиле прозорци, го искршиле објектот за обезбедување поставен од МВР, оштетиле полициска опрема и едно полициско возило“, соопшти Обвинителството.

    Надлежниот јавен обвинител оценил дека постои опасност осомничените да избегаат или да го повторат делото, па до судијата на претходна постапка поднел предлози за определување притворска мерка заобезбедување.

    Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата.

    На протестот, по неколкуте говори пред Собранието, дел од демонстрантите почнаа да фрлаат факели. Се слушнаа звуци на метал и набргу 30-тина момчиња со качулки и маици на главата, ја бутнаа оградата. Половина час полицијата не реагираше и ги остави да фрлаат камења и други тврди предмети. Како најниски, настрадаа канцелариите во кои работат службениците во Собранието. Беа искршени стаклата на прозорците. Граѓаните кои беа дојдени на протестот не им се придружија на овие 30-тина момци во кршењето на Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира