Сашо Мијалков, кој денеска призна вина за големиот случај „Империја“ и од судија на претходна постапка доби затворска казна од три години и одлука да му се конфискува недвижен имот од околу 30 милиони евра, како и 6 милиони евра готовина, најверојатно казната ќе ја одлежи во некој од скопските затвори.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, надлежните органи одговорија дека тој до денеска не ја сменил адресата на живеење.
За разлика од него, сега осудените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ од „Империја“, кои од први јули се в затвор, ги сменија адресите на живеење од Скопје во Охрид, за да одлежат во отвореното одделение во затворот во Струга.
Во април на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка донесе одлука хотелот „Мериот“ и Офицeрскиот дом на скопскиот плоштад Македонија привремено да бидат запленети.
Од обвинителството тогаш соопштија дека барањата се како резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање.
Сега е крајот на постапката, бидејќи при спогодба за вина и пресуда, натаму нема жалби, постапката завршува.
„Предложениот имот за заплена е имот што е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик“, кажа тогаш Обвинителството.
По признанието на вина, на Мијалков ќе му се конфискува хотелот „Мериот“ преку уделот на ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје што го поседува во правното лице Хотел Гранд М ДООЕЛ Скопје, уделот на физичко лице од 67,5% што го поседува во правното лице ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје и уделот на БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје во ДИВЕЛОП ГРУП ДОО Скопје;
Ќе се конфискува деловен простор во градба лоциран на Плоштад Македонија и евидентиран во лист за предбележување издаден на носителот на правото на сопственост Друштво за производство, трговија и услуги СИС ИНВЕСТ ГРУП ДООЕЛ Скопје во површина од 566,41 м2 во вредност од 1.699.241 евра. СИС ИНВЕСТ ГРУП ДООЕЛ Скопје на плоштад Македонија ги гради хотелот „Кортјард бај Мериот“ и Офицерскиот дом.
Натаму, ќе се конфискуваат запленетите станови на БИЗНИС ПРОПЕРТИ ИНВЕСТМЕНТ ДООЕЛ Скопје во вредност од 58.282.500,00 денари со вкупна површина од 720 м2 и гаражи со вкупна површина од 92 м2, како и 7.213 акции што ЕКСИКО ДООЕЛ Скопје, ги поседува во Стопанска Банка А.Д. Битола по номинална вредност од 3.000,00 денари по акција или во вкупна вредност од 21.639.000,00 денари.
Истрагата „Империја“, која ја води обвинителката Лиле Стефанова, е за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Првоосомничени беа бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески.
С. К. ДЕЛЕВСКА