Античкиот театар во Охрид синоќа на свеченото отворање на Охридско лето беше исполнет до последно место. Бројни љубители на уметноста, но и јавни личности од бизнисот и политиката уживаа во извонредните вокални гласови на италијанските тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини придружувани од оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), а под диригентската палка на Лоренцо Бицари.
Прогласувајќи го фестивалот за отворен, покровителот на Охридско лето, претседателот Стево Пендаровски, рече дека уметноста не треба да се сфати како бегство од животот, туку напротив, како моќна алатка којашто ќе ни ја овозможи уметноста на живеењето.
„Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас фестивалот Охридско лето, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика. Конечно, по две години, во коишто пандемијата оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, Охридско лето со квалитетна понуда на музички и на сценски настани се враќа на достоинствен начин, којшто и единствено му прилега. Им благодариме на уметниците што му даваат смисла на нашето постоење“, рече Пендаровски.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека Охридско лето е потврда за нашиот идентитет и потврда дека сме дел од европската и светската култура.
„Нашиот поглед кон минатото не е за да ѝ го завртиме грбот на иднината. Во нашето минато нема ништо од што би се срамеле за да мораме да го вртиме погледот од него“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска и додаде Охридско лето низ годините се издигна во врвен културен настан, достоен за светско внимание.
Уметничката порака на фестивалот годинава ја пренесе македонскиот композитор и музички уметник Горан Начевски.
„Привилегија е да се настапува на истата сцена на која настапиле имиња како Погорелиќ, Хворостовски, Карерас и многу други врвни светски имиња. Искрено, за мене како композитор и оперски пејач би било полесно да ја пратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или пак преку настап на концерт, но вечерва таа нека ги содржи зборовите кои се синоним за уметност: љубов, радост, спокој, алтруизам, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација, среќа, пријателства, насмевки и конечно мир во светот без кој човештвото нема иднина, како и достоинствен живот на сите луѓе. Да живее уметноста, и уште многу години фестивал Охридско лето“, кажа Начевски.
Богатата историја на Охридско лето од 1961 започна благодарение на уметничката интуиција и творечката иницијатива на истакнатата вокална солистка Ана Липша-Тофовиќ која го одржа историскиот концерт под сводовите на црквата „Света Софија“.
На фестивалската сцена на Охридско лето изминативе 62 години се одржани над три илјади приредби со повеќе од 50 илјади уметници од сите страни на светот, возбудливи изданија следени од милионска публика. Тоа е потврда дека фестивалот по својата единственост, уникатност и неповторливост е еден од столбовите на македонската културна традиција.
С. ВРЕНЦОВСКА