НЕ МИСЛЕТЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ, ТУКУ НА КРАЈОТ КОГА ВО ЕУ ЌЕ ИМАТЕ ИСТИ ПРАВА КАКО БУГАРИЈА, ВЕЛИ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ЈАН КОП

    НЕ МИСЛЕТЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ, ТУКУ НА КРАЈОТ КОГА ВО ЕУ ЌЕ ИМАТЕ ИСТИ ПРАВА КАКО БУГАРИЈА, ВЕЛИ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ЈАН КОПАмбасадорот Коп вели дека во ЕУ е станато пракса да се прават грди компромиси, од кои никој не е среќен. (Фото: СДК.МК)

    Холандскиот амбасадор Јан Коп вели дека треба да бидеме позаинтересирани за крајот на преговорите отколку за почетокот, бидејќи кога ќе ги исполниме условите за членство во ЕУ, ќе имаме исти права како и Бугарија. Тој кажа и дека политика на ЕУ е билатералните прашања да бидат решавани меѓу самите земји и за нив нема место во преговарачкиот процес и затоа Европската комисија ќе го следи тоа.

    „Политиката на Унијата е дека билатералните прашања треба да бидат решени меѓу самите земји и нема простор за нив во преговарачкиот процес. Ние ќе го следиме тоа и Комисијата кажа дека ќе го следи тоа. Затоа, ако можеме да добиеме некој вид на компромис сега меѓу вас и Бугарија, тоа ја отвора вратата, и да бидам искрен јас сум многу повеќе заинтересиран за крајот на преговорите, отколку за почетокот, бидејќи само крајот на преговорите, кога ќе ги исполните условите за членство ќе ве направат член на семејството, со исти права како и Бугарија. Дали во теорија една земја може да го блокира овој процес до самиот крај – да. Секое ново поглавје е нова политичка одлука, за што е потребен консензус од сите земји членки. Но, да речеме дека во теорија, за пет до седум години откако сте во процесот, сè уште има проблем, вие ќе станете Швајцарија. Колку лошо е тоа“, изјави холандскиот амбасадор Коп, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на кампањата „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“.

    Тој вели дека Македонија може многу брзо да напредува во преговорите со ЕУ и очекува некои поглавја да ги затвори веднаш, многу побрзо од други земји од Западен Балкан.

    „Само еден пример. Кога преговорите ќе дојдат до поглавјето за тарифи и царина, земјата ќе ги помине речиси веднаш. Побрзо од очекуваното и има многу области во преговорите со ЕУ каде Македонија е најдобриот ученик, споредено со останатите земји од Западен Балкан и тоа треба да биде извор на оптимизам, а не Бугарија“, рече Коп.

    Амбасадорот вели и дека во ЕУ е станато пракса да се прават грди компромиси, од кои никој не е среќен.

    „На крај единствено Македонија може да биде господар на својата судбина. Ова е во голема мера национална одлука на Македонија и единствено нешто што можам да кажам е добредојдовте во Европа, бидејќи во агендата на ЕУ и сите важни прашања, како што е Брегзит, буџетот, климатските промени, бегалците и проширувањето, ние секогаш креираме грди компромиси. На крајот никој не е среќен, но секој добар компромис е баланс на задоволството од двете страни“, кажа Коп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира