Во наелектризирана атмосфера во Парламентот, но денеска речиси без публика надвор, пред зградата, кај што се поставени звучници за аудио пренос од седницата, продолжи расправата за Информацијата на Владата за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дозволуваат говор од собраниската говорница само за нив, додека кога ќе реплицира пратеник од власта, тие свират со вувузели и едвај се слуша што зборуваат.
Тогаш новинарите излегуваат од галеријата на пленарната сала и слушаат под телевизорите во двете прес сали за да фатат нешто од репликите.
Во непречениот говор пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија експремиерот Зоран Заев дека со Договорот за добрососедство до Бугарија, ја отворил големоимперијалистичката порта на соседот, „кој сонува за една држава од Охрид до Црното Море”. Тие обвинија за штетноста на францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија, со преговарачката рамка за членство на Македонија во ЕУ.
„Ако дозволите дебата, ќе се чуе вистината за зачуваниот македонски јазик и македонски идентитет со овој предлог зад кој застана ЕУ. Затоа дозволувате само еднострана дискусија. Вие никогаш не сте биле на вистинската страна на историјата. Вие не сакате да се отворат архивите на Бугарија, затоа што знаете таму што има. Вам историјата ќе ви суди, да сте живи и здрави!”, реплицираше пратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева.
Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, родум од Ваташа, ги праша колегите од СДСМ дали можеби ќе го урнат споменикот на 12-темина ѕверски убиени млади момчиња од ова славно село, од бугарските фашисти.
Белкиса Зекири од СДСМ под силни звуци им кажа на ВМРО-ДПМНЕ дека „ги боли што СДСМ ја влече Македонија напред”, зборуваше за „пратеникот со бугарски пасош” гледајќи кон местото на Антонијо Милошоски, а за “шпицен кандидатот Христијан Мицкоски”, кажа дека има длабоки бизнис врски во Бугарија, што ги прави крајно лицемерни, според неа.
С. К. ДЕЛЕВСКА