Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен попладнево твитна “нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик”, откако на денешниот брифинг во Брисел портпаролката на ЕК рече дека нејзината шефица вчера во Скопје зборувала за „јазикот на луѓето во Република Северна Македонија, кој таа го нарекува македонски“.
Фон дер Лајен вчера се обрати во македонското Собрание пред расправата за Информацијата на Владата за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ.
“Во ревидираниот француски предлог стои: ‘Ваш јазик, без никакви додавки!’. Вашиот национален идентитет е почитуван. Можете да сметате на мене, процесот на пристапни преговори строго ќе ги почитува европските принципи и стандарди. Но, добрососедските односи се ДНК на европската интеграција. Сепак, прашањата за историјата не се услов во преговорите“, кажа вчера Фон дер Лајен.
Но, денеска, заменик-портпаролката на Европската комисија (ЕК) Дана Спинант на прес-брифинг кажа дека Фон дер Лајен вчера во македонското Собрание зборувала за „јазикот на луѓето во Република Северна Македонија, кој таа го нарекува македонски“.
Спинант ова го одговори на прашањето на дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска, дали вчерашната изјава за почитување на македонскиот јазик од Фон дер Лајен во Собранието значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик.
По одговорот, Милевска одново ја праша дали тоа значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик, а Спинант рече дека нема да навлегува во толкување на изјавата на Фон дер Лајен и повторно рече „јазикот кој го зборуваат луѓето во Република Северна Македонија”.
По ваквата изјава на портпаролката, Фон дер Лајен мораше да се дообјаснува на Твитер.
“Нема сомнение дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа”, твитна претседателката на ЕК.