Тежок инцидент се случи во вечерното продолжение на собраниската седница за Информацијата на Владата за преговарачката рамка и францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија, кога фатија да се туркаат Димитар Апасиев од Левица и Мартин Костовски од СДСМ.
Причината била пцост изречена додека кога пратеникот Апасиев одел кон говорницата за процедурална забелешка, на што одговорил Костовски кој седи во првите редови.
Во еден момент станаа пратеници се упатија кон нив. Првин Апасиев со двете раце го оттурна Костовски, а потоа овој му врати. Тогаш потпретседателот на Собранието Горан Мисовски почна да ги двои. Тој го држеше Апасиев, а Арбр Адеми Костовски.
Претседателот Џафери апелираше: „Пратеници, седете на место!“.
Претходно, Џафери и Апасиев се закачија. Процедуралното барање беше токму таа искра.
„Престанете, Џафери, да ми мафтате со прст! Прв и последен пат да ви биде, не сум ви јас дома. Земете си збор и реагирајте, не упаѓајте во нашите дискусии како ќе ви текне“, му рече Апасиев, мафтајќи му со прстот.
„А кој си па ти, мене да ми мафташ со прст! Не мафтај со прст, зашто може да ти биде скршен тој прст!“, му рече Џафери.
На враќање кон место, се закачија Костовски и Апасиев.
Седницата денеска беше прекината околу 22 часот, а ќе продолжи утре во 11.
С. К. ДЕЛЕВСКА