ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА ЌЕ БИДЕ РЕАЛНОСТ, ИМАМЕ ПАРИ И ЦЕЛОСНИ ПРОЕКТИ СО ЧИСТА ТРАСА, ТРЕБА САМО ДА СЕ ГРАДИ, КАЖА ЛОКВЕНЕЦ

    ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА ЌЕ БИДЕ РЕАЛНОСТ, ИМАМЕ ПАРИ И ЦЕЛОСНИ ПРОЕКТИ СО ЧИСТА ТРАСА, ТРЕБА САМО ДА СЕ ГРАДИ, КАЖА ЛОКВЕНЕЦДенеска беа потпишани договорите за изграба на првата и втората делница од пругата кон Бугарија.(Фото: К. Попов)

    Владата денеска потпиша договори со фирмите „Штрабаг“ и „Ѓулермак“ за изградба на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија. Со тоа, како што кажаа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Македонски железници и инфраструктура Хари Локвенец, конечно почнува реализација на децениски најавуваниот проект за пруга кон Бугарија.

    Првата делница ќе ја гради фирмата „Штрабаг“, ќе биде во должина од 31 километар, ќе чини 40,5 милиони евра и рокот на изведба е 24 месеци. Покрај останатите карактеристики на овој дел од Коридор 8 ќе бидат изградени три железнички станици и 6 стојалишта. Втората делница во должина од 34 километри од пругата кон Софија ќе ја гради фирмата „Ѓулермак“, со рок на изведба од 36 месеци. Ќе има две железнички станици и три стојалишта, а ќе чини 155 милиони евра.

    „Овде воопшто нема место за задоволство и горделивост, туку за преземање на уште поголема обврска финализација на градбата. Ви ветувам посветеност и присуство на терен, транспарентност на процесот со најважни информации во процесот на градба и најважно навремено завршување на проектот“, рече Локвенец. 

    На новинарско прашање до владините претставници дали присутните во салата ќе доживеат да се возат по пругата од Скопје до Софија со оглед дека 30 години сите досегашни влади тоа го најавуваат, а работи не се ни почнати, Локвенец одговори дека овој пат сите предуслови за завршување на проектот се исполнети.

    „Прашањето ви е на многу на место и многу логично. Арно ама, аргументите се сосема други. Четири се критериумите се потребни за да се реализира проектот. Прво дали имаме пари? Имаме обезбедни се од ЕБОР. Второ, досегашното искуство покажува дека археолошкото наследство може да биде голем проблем, но во овој случај испитана е цела траса. Трето е експропријација и можам да ви кажам дека ова е првиот проект со 100 проценти завршена експропријација. Четврт предуслов е да имаме квалитетни фирми, а ние тоа го имаме. Нормално дека во тек на градба ќе има проблеми, но ви тврдам сите сме максимално посветени и ентузијасти и даваме гаранции за исполнување на роковите“, рече Локвенец.

    Покрај за изградба на пругата кон Бугарија, беше потпишан договор и за ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10.

    Парите во висина од 200 милиони евра се обезбедени преку кредит и грант од Европската банка за обнова и развој.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира