Со изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“ на авторката Зоја Богдановска во Младинскиот културен центар вечер (МКЦ) вечерва ќе се одбележи 59-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Традиционално одбележувањето на 59-годишнината од земјотрес во 1963 година, започна со положување цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел. Во МКЦ вечерва во 20 часот, ќе се обрати градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која ќе ја отвори изложбата „За Скопје со срце од целиот свет“. Во 20.30 часот во кино „Фросина“, ќе се одржи проекција на филмот „1963: Добра ноќ Скопје“ во режија на Илија Павлов.
„Одбележувањето на овој ден е потсетник за сите нас за трагедијата од која повторно се родил градот Скопје, кој во својата долга историја повеќе пати бил жртва на природни катастрофи“, велат од Град Скопје.
Во 5.17 часот на 26 јули 1963, Скопје го погоди земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала. Во земјотресот загинаа 1.070 граѓани, а 3.000 беа повредени. Од јачината на земјотресот градот бил целосно разурнат.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле помош во Скопје и помогнале градот да се изгради повторно, поради што го носи и епитетот „град на солидарноста“.