Советничка на Виктор Орбан поднесе оставка поради контроверзниот говор на унгарскиот премиер во кој кажа дека Унгарија не смее да стане држава со мешана раса. Жужа Хегедуш, која 20 години е блиска соработничка на унгарскиот премиер, го опиша говорот како „чисто нацистички“.
Портпаролот на Орбан изјави дека медиумите погрешно ги протолкувале неговите зборови.
Говорот се одржа во саботата во регион во Романија со голема унгарска заедница. Орбан притоа кажа дека европските народи треба да се мешаат едни со други, но мешањето со неевропски народи води кон формирање свет со мешана раса.
„Сакаме да се мешаме едни со други, но не сакаме да станеме народи со мешана раса“, рекол Орбан.
Неговите ставови против миграцијата се добро познати, но Хегедуш кажа дека со саботниот говор ја преминал линијата.
„Не знам дали забележавте, но говорот што го одржавте беше чисто нацистички, во стилот на Јозеф Гебелс“, напишала Хегедуш во оставката.
И најголемата еврејска група во Унгарија го осуди говорот, додека Меѓународниот комитет на преживеаните на Холокаустот го опиша како глуп и опасен.