НАША ДОЛЖНОСТ КОН ИЛИНДЕНЦИТЕ И АСНОМЦИТЕ Е ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ СИТЕ ЗА НАПРЕДОК НА ДРЖАВАТА И ЕВРОПСКА ИДНИНА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ НА МЕЧКИН КАМЕН

    НАША ДОЛЖНОСТ КОН ИЛИНДЕНЦИТЕ И АСНОМЦИТЕ Е ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ СИТЕ ЗА НАПРЕДОК НА ДРЖАВАТА И ЕВРОПСКА ИДНИНА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ НА МЕЧКИН КАМЕНКовачевски годинава ја предводеше владината делегација на Мечкин Камен. (Фото: Влада на РСМ)

    Под мотото „Илинден нашата сила за иднината“, денеска на Мечкин Камен во Крушево беше одбележан 2 Август – Денот на Републиката. На централната прослава годинава говореше премиерот Димитар Ковачевски, кој кажа дека „водени од погледот кон иднината на илинденците и асномците создадена е слободна, самостојна, суверена и независна Македонија, а денеска од овој Илинден треба сите да се обединиме за да создадеме европската иднина на земјата“.

    „Илинден  е нашата сила за современа, европска Република Северна Македонија. Илинден е нашата сила да продолжиме да градиме заедничка држава на сите граѓани без предрасуда кон било кого и држава интегрирана во Европската Унија, рамо до рамо со демократиите во светот. Денес во нашата земја се твори на македонски јазик по примерот на големите Конески, Јаневски,  Шопов. И од ова назад нема, има само напред. Илинденците и асномците јасно порачаа, каква Македонија ќе изградиме таква ќе ја имаме. Ние денес инспирирани од визионерите илинденци и асномци градиме современа, прогресивна, економски развиена Република Северна Македонија, земја на пријателства и соживот. Денес со таа идеја стоиме рамо до рамо со нашите НАТО сојузници. Делиме исти вредности, а ќе делиме и европска иднина со безусловно почитување на достинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски и културни вредности. Денешните генерации ќе имаат можност да посведочат дека македонскиот јазик е еднаков со останатите јазици во Европската унија“, рече Ковачевски во говорот на Мечкин Камен.

    Ковачевски кажа дека не постои поголем патриотизам од носењето државнички одлуки, велејќи дека илинденците со оружје в рака се бореле за да можеме ние денес да водиме поинакви битки за развој и просперитет на сите граѓани.

    „Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се` за посветена работа за да развиеме силна, просперитетна и успешна европска држава. Наша заедничка должност е да се обединиме независно од политичките определби. Како илинденците и асномците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети и во времето на Илинден и АСНОМ и сега се напредок на државата. Нема поголем државен приоритет од патот напред кој носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. Тоа е можно со интеграција во европското семејство. Ги повикувам на обединување денешните генерации за остварување на оваа стратешка државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина“, додаде Ковачевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира