Претседателот Стево Пендаровски се поклони пред новопоставената спомен-плоча за Првото заседание на АСНОМ на Втори август 1944 година, кога се поставени темелите на современата македонска држава по разорувачката Втора светска војна. Оригиналната плоча е загубена, но српските власти направија нова, иста како оригиналот, за што денеска Пендаровски посебно се заблагодари како на претседателот на Србија, така и на домаќинот на манастирот.
„Му се заблагодарувам на претседателот Александар Вучиќ и на поглаварот на Српската православна црква Господин Порфириј затоа што ни овозможија после 18 години пауза да дојдеме на ова за нас свето место и да го одбележиме најголемиот македонски државен празник. Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и знаете, од различни причини не можевме да дојдеме тука и да го прославиме тој празник, па правевме некакви алтернативни и паралелни прослави во близина, меѓутоа не и овде, кај што е одржано историското заседание на АСНОМ. Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која Втори август, нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и ќе доаѓаме со сите нишани што велат старите, да оддадеме почит на оние кои ја формирале современата македонска држава во 1944 година“, кажа Пендаровски по церемонијата.
Тој одговори и како ќе се обнови спомен-собата на АСНОМ. Во најскоро време ќе се формира работна група на ниво на министерствата за надворешни работи, која ќе треба да ги договори сите детали за идните прослави.
„Имаме ние еден стар договор, мислам дека е од 2000 година, околу одржување културно-споменски одбележја во двете земји, кој ќе помогне брзо да се воспостават сите оние обележја кои ги имало ова место во времето кога е одржано историското заседание. Меѓутоа, морам да се заблагодарам на српските домаќини кои успеаја за рекордно брзо време, место оргигиналната плоча која не можеа да ја најдат, да направат нова со оригиналниот текст, пред која денеска се поклонивме“, кажа Пендаровски, кој посебно му се заблагодари на министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ и на домаќинот н манастирот владиката Пахомије.
Пендаровски смета дека ако не си ги почитуваме нашите свети места, нашите и српските од минатото, нема да имаме никаква иднина во билатералните односи.
С. К. ДЕЛЕВСКА