Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) го извести Министерство за надворешни работи (МНР) дека при вчерашниот увид во просториите на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола бил присустен и генералниот конзул на Репубилка Бугарија во Битола, Димитар Иванов. За Комисијата, присуството на конзулот е обид за влијание врз работата на Комисијата и можност за нејзина инструментализација за политички цели.
„При увидот, спротивно на досегашните практики констатирано е дека освен претставниците на Здружението, присуствуваше и генералниот конзул на Република Бугарија Димитар Иванов. Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР. Според одредбите содржани во Законот, Комисијата е самостоен и независен орган избран од Собранието и за својата работа одговара единствено пред оваа институција“, пишува во соопштението на КСЗД.
Министeрството за надворешни работи соопшти дека бугарскиот генерален конзул со седиште во Битола, Димитар Иванов, немал право да биде присутен за време на увидот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во просториите на Културниот центар во Битола, согласно Конвенцијата за конзуларни работи, „бидејќи се работи за постапка во која се вклучени две здруженија, правни лица од Северна Македонија, регистрирани согласно постојните законски прописи на државата“.
Комисијата вчера постапуваше по претставка на Здружение на граѓани од Битола кое го пријавило Клубот за дискриминација. Увидот го вршеше експратеничката Весна Бендевска, сега членка на Комисијата, која не откри кое однесување е пријавено за дискриминирачко, но посочи дека по завршувањето на постапката, мислењето ќе го објават пред јавноста.
Во внатрешноста на клубот поставени се портрети од Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Владо Черноземски, Мара Бунева и други контроверзни историски личности, но и на македонските војводи Гоце Делчев и Даме Груев.
На еден од ѕидовите врамен е и извадок од текст на Михајлов во кој се негира постоењето на македонската нација. Во него пишува „Можеме да се гордееме, бидејќи знамињата на ВМРО и Илинден беа и остануваат човекови права и слободи. Значи, залудни се сите напори на маскираната македонска ‘нација’ да го лаже светот’’.
Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ беше отворен на 16 април годинава во присуство на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и други претставници од бугарскиот државен врз. Од отворањето тој ја бранува јавноста зашто го носи името на Михајлов кого македонскиот народ го препознава за соработник на фашистите во Втората светска војна. Па, влезната врата на клубот ја опожари пејачот Ламбе Алабаковски. Клубот изгорената влезна врата ја замени со нова, но на неа го нема натписот од порано „Клуб Ванчо Михајлов ВМРО“, остана само светлечката реклама со името на Културниот центар Иван Михајлов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА