Антитерористичкиот сектор во МВР, еден од најмалку познатите сектори за кој никогаш не се зборува, покрај борбата со радикалниот исламски тероризам, кој регрутира(ше) и макеоднски државјани на боиштата во Ирак и Сирија, се вклучува и во глобалната борба против неонацизмот и она што вообичаено крајната десница во Европа и во светот го мотивира или го врши како расно и етнички мотивиран тероризам.
Во Македонија најголемата опасност од која може да произлезат терористички дејства мотивирани од етнички или од расни побуди, е вербалниот, а често и физички контакт меѓу завојуваните фудбалските навивачки групи, главно од македонска и од албанска националност.
На 27 април 2017 година, недозволувајќи мирно предавање на власта, поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, промовирајќи кај своите следбеници етничка омраза кон Албанците плашејќи ги со т.н. тиранска платформа, ги поттикна да извршат напад на Собранието, невидено насилство врз пратеници од опозицијата и обид за убиство на лидер на партија на Албанците.
Секојдневно има вербални и физички напади врз луѓе со потемна кожа, кај нас се тоа Ромите, потоа на луѓето од ЛГБТ и од други маргинализирани групи, нешто кое засега е многу поекстремно во светот, но зема замав и кај нас, од страна на одредени лица и групи. Неофицијално дознаваме дека и во нашиот кривичен систем ваквите напади во иднина ќе се сведат под тероризам, исто како што е во другите држави со подолга демократска историја.
Со други зборови, Македонија преку Антитерористичката единица и другите безбедносни органи, се свртува и кон расно и етнички мотивираниот насилен екстремизам, а не само на ектремизмот од војските на Исламската држава, во рамки на една глобална акција.
„Под покровителство на Владите на САД и на Сојузна Република Германија, Република Северна Македонија учестуваше во воспоставување на Полициски Форум за справување со тероризам. Овој Форум претставува проширување на фокусот, свеста и разбирањето на органите за спроведување на законот како партнери во спроведувањето на кривичната правда за глобалните активности на расно и етнички мотивираните насилни екстремисти (РЕМНЕ). (Racially or ethnically motivated violent extremist RAMVE)“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Фокусот сега се шири на т.н. насилни екстремисти на бела надмоќ.
„Со отворање на овој Форум актерите на расно или етнички мотивираниот насилен екстремизам или како што во некои држави се нарекуваат ‘крајно десни насилни екстремисти’, ‘насилни екстремисти со идентитет на белец’, или ‘насилни екстремисти на бела надмоќ’ имаат за цел да го бранат перцепираниот етнички или нацистички
идентитет, фокусирани на раса, култура, етничка припадност и национално потекло“, се наведува натаму во многу внимателниот одговор од МВР, без дополнителни иетали.
Сведоци сме на бројни фатални напади на расно и етнички мотивирани насилни екстремисти насекаде во светот, а тие на социјалните мрежи се наоѓаат нови и нови следбеници, велат од МВР.
„Дополнително, пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ги засили дезинформациите и лажните вести и дозволи актерите на РЕМНЕ да ги засилат своите напори за да добијат нови следбеници на интернет. Заканите од транснационалните врски меѓу овие насилни екстремисти од целиот свет се повеќе растат особено поради нивната меѓусебна индивидуална или групна комуникација, регрутирање, радикализација и споделување на тактички обуки, како на интернет, така и лично“, наведуваат од Министерството.
Оттаму сметаат дека во изминатите 20 години меѓународната заедница изгради силни релации за размена на информации и механизми за справување со терористичките групи како ИСИС и Ал Каеда, нивните врски и органоци.
„Од критична важност е во овој момент да развиеме ист вид на рутина во размената на информации во однос на мрежите и заканите од насилниот екстремизам мотивиран од етнички и од расни побуди. Овој Форум претставува почеток на поставување на линиите на комуникација меѓу партнерските земји и безбедносните структури задолжени за спроведување на законите од целиот свет кои работат на оваа проблематика. Форумот за РАМНЕ има основна задача да ги спои партнерските влади и институции во насока на создавање на неформална глобална коалиција што ќе се фокусира на локациите каде што РЕМНЕ актерите се активни“, смета МВР и вели дека пристапувањето на Македонија кон овој Форум е уште една потврда на нашата ангажираност и статус на рамноправен партнер во глобалната борба против тероризмот насилниот екстремизам и радикализам.
Која е Антитерористичката единица во МВР, или Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам кој треба да ги носи сите овие активности, и во чиј сектор делува, е малку позната информација. Таа кога се двоела УБК од Министерството, односно се трансформирала во Агенција за национална безбедност, на краток период престанала да постои на хартија, постоела физички. Но, многу брзо е трансферирана под Бирото за јавна безбедност во МВР и реформирана по нови меѓународни стандарди и обуки.
„Во 2019 година со одвојувањето на УБК од Министерството за внатрешни работи преку формирање на Агенцијата за национална безбедност, се појави потреба од формирање на една посериозна структура која ќе се справува безбедносните предизвици поврзани со тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам. Така од Единицата за сериозен криминал и тероризам, која постоеше во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ, со поддршка од министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност, на 01.01.2019 формиран е Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам“, велат од Секторот, или од Единицата за антитероризам, како што скратено се нарекува.
Поради специфичноста на работата на Антитерористичката единица, од МВР не откриваат што спречила досега, само општопознатите факти од лоцирање и враќање на борци од Сирија дома во Македонија, кои одлежаа или издржуваат затворски казни за учество на странски боишта.
„Од самиот почеток на функционирање на Секторот, преземени биле повеќе мерки и активности во насока на превенција, спречување и гонење на лица и групации поврзани со дејствија, кои со своите активности претставуваат закана за животот и безбедноста на граѓаните, согласно надлежностите на Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам. Како резултат на наведените активности уште во првата година од постоењето на Секторот, поточно од крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, поднесени се 7 кривични пријави за сторени кривични дела од областа на тероризмот против 24 лица, кои се веќе процесирани и осудени на затворски казни“, велат оттаму.
Обуките таму, многу често и во странство, не престануваат и се интензивираат поради новите, глобални форми на криминал.
„Борбата против тероризмот е глобална борба, особено во време кога информациите патуваат брзо, луѓето лесно се движат, преминуваат граници, нападите и активностите се планираат во една, а се извршуваат во друга земја. И органите на прогонот мора да се прилагодат на оваа динамика, особено кога станува збор за кривични дела од областа на тероризмот. Тие мора да функционираат во тој правец, па така како неопходна и исклучително важна се наметнува соработката со други партнерски држави.“, велат од МВР.
Проблем кој се наметнува во безбедносните служби на секоја држава, е финансирањето на тероризмот. Но, и сајбер-криминалот.
„Во текот на годините и искуствата кои ги прибираме со секојдневната работа, согледуваме нови области кои го диктираат правецот во кој треба да се развива Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам, како што е финансирањето на тероризам, што претставува исклучително комплексна работа, како и истрагите поврзани со социјалните мрежи. Притоа, мора да ја истакнеме и добрата соработката со сите релевантни институции и агенции во државата“, кажуваат во Секторот дека и другите институции мора да се вклучени како нивен сервис, ако сакаме да бидеме безбедни од тероризам и насилен екстремизам.
Но, нивното делување не асоцира само на разузнавање, откривање, деактивирање бомби, враќање борци од боиштата на Ирак и на Сирија. Мора да се предводници и да ја следат ситуацијата по враќањето на борците, нивното однесување, прифатеноста од општеството, итн.
„Предизвици пред кои мораме сериозно и одлучно да застанеме се справувањето со лицата повратници од боиштата во Сирија и Ирак, т.н. странски терористички борци, нивните жени и деца кои, исто така, биле на боиштата – пеналниот и постпеналниоттретман на овие лица. За таа цел неминовна е меѓуинституционална синхронизираност и соработка на која работиме со поддршка на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам при Владата на Република Северна Македонија. На ова поле соработуваме и прибираме искуства од други земји кои се соочуваат со истите појави, со цел да се изнајде најсоодветното решение, компатибилно на нашето општество“, велат во Секторот дека и ова му е во опсегот за работа.
С. К. ДЕЛЕВСКА