Основниот суд во Битола, кој е со проширена надлежност и ги решава предметите и од општините Новаци, Могила и Демир Хисар, се соочува со недостиг на судии. Годишно решава околу 22 илјади судски премети, а работи со 14 судии, од кои едниот е в. д. претседател.
Од судот велат дека согласно Законот за судовите, како суд со проширена надлежност би требало да има 25 судии. Тоа значи дека недостигаат скоро половина. Недостигот на судски кадар се должи на пензионирањето на тројца судии од први јули годинава.
„Како одговор на вака настанатата ситуација, овој суд пристапи кон реорганизација на работниот процес, на начин што се изврши промена на распоредот на работата на судиите кои се на располагање, така што судии од граѓанска материја се вклучени да постапуваат и во предмети од прекршочна материја“, соопштија од Основниот суд Битола.
Ситуацијата се планира да се надмине со прилив на нов кадар за судии од Академијата за судии и јавни обвинители кои очекуваат дека ќе бидат избрани и најбрзо ќе започнат со работа во почетокот на 2023.
Ж. ЗДРАВКОВСКА