РУЖДИ Е ПРИКЛУЧЕН НА РЕСПИРАТОР И ИМА ПОВРЕДИ НА РАКАТА, ОКОТО И ЦРНИОТ ДРОБ ПО ВЧЕРАШНИОТ НАПАД ВО ЊУЈОРК

    РУЖДИ Е ПРИКЛУЧЕН НА РЕСПИРАТОР И ИМА ПОВРЕДИ НА РАКАТА, ОКОТО И ЦРНИОТ ДРОБ ПО ВЧЕРАШНИОТ НАПАД ВО ЊУЈОРКРужди со години се соочуваше со смртни закани поради книгата „Сатански стихови“ (Фото: АП)

    Менаџерот на Салман Ружди изјави дека вестите не се добри, откако славниот писател беше нападнат и избоден на настан во сојузната држава Њујорк.

    Ружди е приклучен на респиратор и не може да зборува. Тој би можел да изгуби едно око“, изјави Ендрју Вајли.

    Ружди со години се соочуваше со смртни закани откако ја објави книгата „Сатански стихови“ во 1988.

    Полицијата го приведе напаѓачот, кој е идентификуван како 24-годишниот Хади Матар од Фервју, Њу Џерси. Ружди најмалку еднаш бил прободен во вратот и стомакот додека се подготвуваше да одржи предавање во институцијата Чаутауква, по што со хеликоптер беше превезен во болницата во Ири, Пенсилванија, каде што синоќа итно беше опериран.

    Салман веројатно ќе изгуби едно око. Нервите во рацете му се исечени и бил прободен во црниот дроб“, кажа менаџерот.

    Полицијата не ги објави мотивот и обвиненијата. Напаѓачот бил совладан од присутните, по што бил приведен.

    „Тој продолжи да го напаѓа Ружди додека го совладуваа. Петмина мажи го одвлекуваа и тој сè уште замавнуваше со ножот. Беше многу, многу бесен“, изјави Линда Абрамс, која беше присутна на настанот.

    Ружди, кој е роден во Индија, се прослави со книгата „Деца на полноќта“ од 1981, но неговата четврта книга „Сатански стихови“ од 1988 го принуди да се крие повеќе од десет години откако тогашниот врховен водач на Иран, ајатолах Хомеини, издаде фатва или указ, повикувајќи на смрт на Ружди. Неколку луѓе загинаа во протестите против Ружди во Индија, во 1991 беше убиен јапонскиот преведувач на книгата, а италијанскиот преведувач и норвешкиот издавач преживеаја обид за убиство.

    Иранската влада одамна се дистанцираше од декретот на Хомеини, но чувствата против Ружди останаа, иако тој живееше послободно во изминатите години. Неговата следна книга треба да излезе во февруари 2023.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира