САЛМАН РУЖДИ ВЕЌЕ НЕ Е НА РЕСПИРАТОР И МОЖЕ ДА ЗБОРУВА

    САЛМАН РУЖДИ ВЕЌЕ НЕ Е НА РЕСПИРАТОР И МОЖЕ ДА ЗБОРУВАНападот го изврши 24-годишниот Хади Матар, Американец со либанско потекло, кој вчера дојде во суд и формално беше обвинет за обид за убиство. (Фото: АП)

    Салман Ружди веќе не е приклучен на респиратор и може да зборува, изјави неговиот менаџер Ендрју Вајли. Седумдесет и петгодишниот писател пред два дена беше избоден на јавен настан во американската сојузна држава Њујорк и беше во критична состојба.

    Вајли претходно кажа дека Ружди би можел да изгуби едно око.

    Ружди со години се соочуваше со смртни закани поради неговата книга „Сатански стихови“ од 1988, чија содржина некои муслимани ја сметаат за богохулна.

    Нападот го изврши 24-годишниот Хади Матар, Американец со либанско потекло, кој вчера се појави во суд и формално беше обвинет за обид за убиство. Ружди бил избоден најмалку десет пати во лицето, вратот и стомакот. Матар се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад за, како што го нарече обвинителот, „однапред планирано“ кривично дело. Адвокатот на Хади Матар се изјасни во негово име на судскиот процес во западен Њујорк. Осомничениот пред судот се појави облечен во црно-бел комбинезон и бела маска за лице, а рацете му беа врзани пред него. Судијата нареди да биде задржан без кауција откако окружниот обвинител кажа дека Матар  презел чекори за намерно да се стави себеси во позиција да му наштети на Ружди, добивајќи однапред пропусница за настанот каде што писателот требаше да говори и пристигнал еден ден порано со лажен документ за идентификација.

    Нападот се случи 33 години откако тогашниот врховен водач на Иран, ајатолах Хомеини, издаде фатва или указ, повикувајќи на смрт на Ружди поради книгата „Сатански стихови“. Фатвата остана активна, иако иранската влада во меѓувреме се дистанцираше од неа. 

    Напаѓачот Матар е роден една деценија по објавувањето на „Сатански стихови“ и фатвата.

    Пред нападот, Ружди требаше да одржи говор во образовниот центар Институција Чаутауква за тоа како САД служат како сигурно прибежиште за писателите кои се соочуваат со прогон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира