Напаѓачот на Салман Ружди изјави дека прочитал само две страници од неговата контроверзна книга „Сатански стихови“, поради која бившиот ирански водач, ајатолах Хомеини, го осуди на смрт славниот писател. Дваесет и четиригодишниот Хади Матар се изјасни како невин по обвиненијата со кои се соочи по нападот во сојузната држава Њујорк, кога Ружди беше избоден повеќепати.
Во интервјуто за „Њујорк пост“, што го даде од затворот во Чаутауква, Матар кажа дека Ружди го нападнал исламот. Тој не потврди дека бил воден од фатвата на Хомеини од 1989 година.
Книгата што Ружди ја објави во 1988 предизвика гнев кај некои муслимани, кои ја сметаат нејзината содржина за богохулна.
„Прочитав само две страници од книгата. Многу го почитувам ајатолахот. Мислам дека е голема личност. Толку имам да кажам за тоа“, кажа Матар, додавајќи дека бил изненаден кога слушнал дека Ружди го преживеал нападот.
„Не ми се допаѓаше Ружди. Мислам дека не е многу добра личност. Тој е некој кој ги нападнал исламот и тој систем на верување“, изјави Матар, кој има либанско потекло.
Ружди во саботата беше тргнат од респиратор, но има повреди на око, рака и црниот дроб.