Руските власти соопштија дека отвориле истрага за убиство откако ќерката на влијателниот ултранационалистички филозоф Александар Дугин загина кога експлодира бомба во нејзината кола во предградието на Москва. Рускиот истражен комитет соопшти дека верува оти некој ја планирал и наредил експлозијата на автомобилот во која загина Дарја Дугина, врз основа на веќе собрани докази од експлозијата.
„Имајќи ги предвид веќе добиените податоци, истрагата смета дека кривичното дело било однапред планирано и било од нарачана природа“, се вели во соопштението на истражниот комитет.
Дугина почина на место откако „експлозивна направа, која се претпоставува дека била поставена во ‘тојота ленд крузерот’ експлодирала на јавен пат и автомобилот се запалил“ синоќа околу 21 часот по локално време, во близина на селото Болшије Вјаземи, соопшти прес-службата на Рускиот истражен комитет, како што јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Таткото на Дугина е руски автор и идеолог, заслужен како „духовен водач“ за руската инвазија на Украина. Се тврди дека има значително влијание врз рускиот претседател Владимир Путин и е опишан како „мозокот на Путин“ од магазинот „Форин аферс“. И Дугин и ќерка му се санкционирани од САД. Обединетото Кралство ја санкционираше Дугина во јули поради тоа што е „чест и висок придонесувач на дезинформации во врска со Украина и руската инвазија на Украина на различни онлајн платформи“, објави земјата.
Пријател на Дугина изјави за ТАСС дека верува оти татко ѝ бил вистинската цел на експлозијата – или можеби и двајцата – бидејќи автомобилот му припаѓал на Александар.
„Тоа е автомобилот на нејзиниот татко“, изјави Андреј Краснов за ТАСС. „Даша (Дарја) вози друг автомобил, но таа денеска го возеше неговиот автомобил, а Александар отиде одделно“, изјави за ТАСС Краснов, шеф на социјалното движење „Руски хоризонт“ и семеен пријател на Дугина.
Точните врски на Дугин со претседателот Владимир Путин се нејасни, но Кремљ често ја повторува реториката од неговите пишувања и настапи на руската државна телевизија. Тој помогна да се популаризира концептот на „Новоросија“ (Нова Русија) што Русија го користеше за да ја оправда анексијата на Крим и нејзината поддршка на сепаратистичките бунтовници во источна Украина. Тој ја промовира Русија како земја на побожност, традиционални вредности и авторитарно лидерство и ги презира западните либерални вредности.
Официјален претставник на руското Министерство за надворешни работи навести дека украинските државни структури се одговорни за експлозијата, тврдење што украинските власти го негираа.
„Ако се потврди украинската трага, тогаш треба да зборуваме за политиката на државен тероризам што ја спроведува режимот во Киев“, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова во објава на Телеграм. „Имаше многу факти акумулирани низ годините: од политички повици за насилство до раководство и учество на украинските државни структури во злосторствата“, рече таа.
Украина денеска жестоко негираше каква било вмешаност во експлозијата на автомобилот.
„Украина дефинитивно нема никаква врска со ова бидејќи ние не сме криминална држава, како што е Руската Федерација, а уште повеќе не сме терористичка држава“, изјави Михаило Подолјак, советник на претседателот на Украина Володомир Зеленски.