Катар приведе и депортираше десетици работници мигранти кои протестираа поради неисплатени плати, велат активисти за работнички права. Катар ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал за три месеци и зависеше од работници од странство за да ги изгради стадионите и инфраструктурата потребна за најголемиот фудбалски настан.
Месецов, најмалку 60 работници беа приведени за учество во протест пред канцелариите на „Ал Бандари Интернешнл Груп“, голема градежна компанија. Демонстрантите, кои се од земји како Непал, Бангладеш, Индија, Египет и Филипини, не зеле плата седум месеци.
„Колку што сме ние запознати, катарските власти решија да ги депортираат сите учесници на протестот“, велат од „Еквидем“, организација за работнички права од Лондон.
Катар има популација од околу 2,8 милиони, вклучувајќи 1,7 милиони странски работници. За подготовка на Светското првенство, Катар реализираше проект за модернизација со проширување на главниот аеродром, јавниот транспорт и изгради нови стадиони и хотели.
ФИФА не презеде ништо во врска со документираните злоупотреби на работниците мигранти кои работеа во мизерни услови, според организации како „Амнести Интернешнл“ и „Хјуман Рајтс Воч“.
„Сите овие злоупотреби се толку во спротивност со имиџот на Светското првенство како прослава на хуманоста“, вели Минки Ворден, директор за глобални иницијативи на „Хјуман Рајтс Воч“.
„Ова се луѓето кои буквално го изградија Светското првенство од нула, во пустина. Тие мораат да добијат финансиски надомест пред биде изведен првиот удар со топка“, додаде таа.