Дел од Универзитетската Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување (КАРИЛ) бил поплавен во вчерашното невреме и е затворан за нови пациенти, потврдиja за МИА од Министерството за здравство, од каде велат дека не бил поплавен делот каде што се сместени пациентите во животозагрозувачка состојба. Пациентите од Скопје кои се за интензива нега ќе бидат препраќани во Градската општа болница „8 Септември“ и во Клиничката болница „Наум Охридски“, а во зависност од регионите и во клиничките болници во Штип, Тетово и Битола.
До Клиниката стигнало и официјално соопштение потпишано од министерот за здравство, Беким Сали.
„Ве известуваме дека заради технички проблеми на единицата за интензивно лекување ЈЗУ УК ТОАРЛИУЦ КАРИЛ, сите пациенти кои бараат интензивна нега и лекување ќе се препраќаат во следните јавни здравствени установи, се до санација на дефектот: пациентите од Скопје во ГОБ ‘8 Септември’ и КБ ‘Наум Охридски’; пациентите од источна Македонија во КБ Штип; пациентите од централна Македонија во КБ Битола; Пациентите од западна Македонија во КБ Тетово“, се вели во соопштението.
Пo невремето во Скопје што го поплави цел град, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека вчера имало илјада повици за штети и помош на бројот 112. Во ЦУК се пријавени 120 поплавени објекти, 23 оштетени возила и 47 оштетени или паднати кровови. Паднаа 119 дрвја, кои оштетија и автомобили и урбана опрема.