БЕГ ДА ГИ СТОРНИРА ЗГОЛЕМЕНИТЕ СМЕТКИ ЗА ПАРНО И ДА ИЗГОТВИ НОВИ СО ВКАЛКУЛИРАНА СУБВЕНЦИЈА ОД ВЛАДАТА, ПОБАРА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА БИСЛИМОСКИ

    БЕГ ДА ГИ СТОРНИРА ЗГОЛЕМЕНИТЕ СМЕТКИ ЗА ПАРНО И ДА ИЗГОТВИ НОВИ СО ВКАЛКУЛИРАНА СУБВЕНЦИЈА ОД ВЛАДАТА, ПОБАРА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА БИСЛИМОСКИДо завршување процедурата за избор на нов вршител на енергетска јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, БЕГ законски е обврзана да ја врши дејноста. - Марко Бислимоски (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски денеска на прес-конференција побара од БЕГ да ги сторнира сметките за парно греење за скопјани за август и да изготви нови. Сметките за август требаше да бидат зголемени за 14 отсто, но тие се зголемени за 40-тина отсто, а Бислимоски вели дека тоа е поради тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата од владата. Бислимоски вели дека во државниот буџет има обезбедено пари за субвенцијата и нема да има проблем да се изведе сторнирањето и изготвување на нови сметки.

    „Во изминатите два дена добивме голем број поплаки од граѓани согласно кои сметките за топлинска енергија се зголемени за некаде 40-тина проценти. Единствена причина за зголемување на овие сметки е тоа што во овие сметки не е вкалкулирана субвенцијата која ја дава владата до потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје и од таа причина имаме значително зголемени сметки. Со цел да се избегне оваа ситуација, Регулаторната комисија за енергетика бара БЕГ да ги сторнира сите сметки кои се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во кои ќе биде вкалкулирана субвенцијата која ја добиваат граѓаните од страна на владата“, изјави Бислимоски.

    Тој додаде дека владата веќе има донесено одлука за субвенцијата, но ако случајно е истечена, ќе биде донесена уште една таква одлука, бидејќи пари во буџетот има.

    „Средствата во буџетот на државата се обезбедени и исто така одредена одлука е донесена веќе еднаш и ако и е поминат рокот апсолутно ќе се донесе нова одлука со што уште еднаш ќе се потврди дека потрошувачите на топлинска енергиа во Скопје ќе ги добијат субвенциите. Сметките кои ги изготвил и ги испратил БЕГ невообичаено на 30 и 31 август, да бидат сторнирани и да бидат изготвени нови сметки со вкалкулирана субвенција. Пари се обезбедени за оваа намена, така да ќе нема никаков проблем сево ова да се изведе“, вели Бислимоски.

    Одговарајќи на новинарско прашање, Бислимоски кажа дека тие што веќе ја платиле сметката, парите ќе им бидат вратени во наредните сметки, без разлика дали дејноста ќе врши БЕГ или друга компанија.

    На 27 јуни, РКЕ ги одзеде лиценците на БЕГ за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија, а претходно беше одземена лиценцата за производство на топлинска енергија, што значи дека БЕГ веќе ќе нема никаква врска со парното греење во Скопје.

    До завршување процедурата за избор на нов вршител на енергетска јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, БЕГ законски е обврзана да ја врши дејноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира