ЗА ДА СЕ ПОМИНЕ ЗИМАТА ЕСМ ТРЕБА ДА ГО ЗГОЛЕМИ ПРОИЗВОДСТВОТО ЗА 25 ОТСТО, „ТЕ-ТО“ ДА ПРАВИ И ПРОДАВА СТРУЈА НА ФИРМИТЕ ПОД БЕРЗАНСКИТЕ ЦЕНИ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    ЗА ДА СЕ ПОМИНЕ ЗИМАТА ЕСМ ТРЕБА ДА ГО ЗГОЛЕМИ ПРОИЗВОДСТВОТО ЗА 25 ОТСТО, „ТЕ-ТО“ ДА ПРАВИ И ПРОДАВА СТРУЈА НА ФИРМИТЕ ПОД БЕРЗАНСКИТЕ ЦЕНИ, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИВладата ѝ дала задача на ЕСМ да ги активира сите нејзини производствени капацитети, РЕК Битола со оспособување на сите блокови, ТЕЦ Неготино и когенеративната централа „КОГЕЛ“. (Фото: СДК.МК)

    Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) има задача да ги активира сите производствени капацитети и да произведува за 25 отсто повеќе струја од лани, за да може земјава да ја преброди енергетската криза. Исто така, приватната компанија „ТЕ-ТО“ треба да ги вклучи целосно своите капацитети и да прави енергија која ќе се продава на фирмите под берзанските цени кои сега се многу високи и, како што велат комапниите, не можат да ги издржат.

    Цела Европа во моментов се соочува со недостаток на струја и висока цена за суровините за производство. На пазарот постои недостаток на енергенси, гасот не е достапен поради војната во Украина, а мазутот го има во помали количини, бидејќи се користи повеќе поради недостиг на гас.

    „Северна Македонија, а убеден сум дека 99% тоа се однесува и на Србија, Албанија и другите земји од регионот, за да може да обезбеди електрична енергија која што е по цена која што граѓаните можат да ја издржат, како држава ја субвенционира истата. Ние, само минатата недела, односно оваа недела која завршува денес, префрливме 50 милиони евра на ЕСМ за да може да обезбеди електрична енергија која што 80% е субвенционирана за граѓаните“, рече премиерот Ковачевски по состанокот на иницијативата Отворен Балкан во Белград во петокот.

    За да се помине зимата без рестрикции, Владата ѝ дала задача на ЕСМ да ги активира сите производствени капацитети кои се во нејзина сопственост, односно РЕК Битола со оспособување на сите блокови, ТЕЦ Неготино, когенеративната централа „КОГЕЛ“ која е со помал капацитет и ставање во употреба за баланс на енергија на сите хидропотенцијали.

    „Хидропотенцијалите можат да се користат како базна енергија, но во овој момент тоа е практично невозможно поради долгите сушни периоди и намаленоста на капацитетот на акумулациите на ниво од некаде од 50%. Верувам дека тоа е исто валидно за сите држави во регионот. Во такви услови, ставањето во капацитет на сите централи кои ги имаме бара енергенси кои се со повисока цена. Тие енергенси се најмногу од увоз, што значи најквалитетниот јаглен го има во Албанија и во Грција меѓутоа, и таа цена поради порастот на сите цени е зголемена. Ако цената на јагленот беше 43 евра за тон, сега е 93 и над 93 евра. Транспортот поради зголемената цена на мазутот и на дизелот, исто така е зголемен. Тоа значи дека и производството во домашни услови е поскапо. Но, државата тоа го прави и ЕСМ кај нас има задача 25% од производството да го зголеми во однос на минатата година“, рече Ковачевски.

    Во моментов, на регулираниот пазар кај нас има 72.000 домаќинства и мали потрошувачи, кои добиваат 80% субвенционирана цена на електрична енергија од буџетот на државата. На слободниот пазар има околу 1.300 приватни компании и 530 институции кои ја купуваат преку трговците на електрична енергија .

    „Барањата на стопанството се ставање во функција на приватните производствени капацитети на електрична енергија, тоа се обновливите извори на електрична енергија, доминантно фотоволтаици и мали хидроцентрали и ставање во функција на гасната когенеративна централа ‘ТЕ-ТО’, со цел енергијата да им биде понудена под берзанските цени на слободниот пазар за да можат нивните производствени и услужни процеси тоа да го издржат. Во моментов Министерството за економија, ЕСМ и други мои колеги од ресорот преговараат со сопствениците со цел од почетокот на грејната сезона до крајот до 31 март да работи ‘ТЕ-ТО’. Доколку во неговата работа која што е со капацитет од скоро 200 мегавати се појават вишоци, тогаш нормално дека ќе го понудиме на нашите први соседи, а тоа се Србија, Албанија и другите кои ќе имаат потреба“, рече Ковачевски.

    За да да се овозможи  „ТЕ-ТО“ да работи потребен е гас, а гас во моментов има Србија, но нема интерконекција и тоа е нешто што на среден рок мора да се направи. Премиерот Ковачевски кажа дека во изминатите 30 години не е направена ниту интерконекција Грција –  Македонија за да може да се приклучиме на ЛНГ терминалите, а тоа исто така се прави на среден рок.

    За справување со енергетската криза Македонија помош ќе бара и од Бугарија, која граничи со две од државите на Отворен Балкан и мора се обезбеди непречено функционирање на меѓународните интерконекции во текот на целата зима. Токму за оваа тема Ковачевски утре оди во официјална посета на Бугарија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира