ПРОТЕСТОТ Е ПОДДРЖАН ОД РЕЧИСИ СИТЕ ПРИВАТНИ ЛЕКАРИ, МАЛКУ ПАЦИЕНТИ СЕ ЈАВУВААТ НА ПРЕГЛЕД, ВЕЛИ ЧОЛАКОВА-ДЕРВИШОВА

    ПРОТЕСТОТ Е ПОДДРЖАН ОД РЕЧИСИ СИТЕ ПРИВАТНИ ЛЕКАРИ, МАЛКУ ПАЦИЕНТИ СЕ ЈАВУВААТ НА ПРЕГЛЕД, ВЕЛИ ЧОЛАКОВА-ДЕРВИШОВАПротест ќе трае до 7 септември (Фото: СДК.МК)

    Лекарите од приватното здравство протестираат и примаат само итни случаи. Досега немало повратна реакција од Министерството за здравство и од Фондот за здравство.

    „Има случаи дека некои колеги креираат упати за пациенти, но 99 отсто од колегите го почитуваат и поддржуваат протестот. Итните случаи ги препраќаме на доктори специјалисти. Останатите имаа можност да бидат информирани за овој наш протест. Ова што го правиме е за нас докторите, но и за пациентите, оти тие најмногу реагираат на постапката за препишување лекови и упат до специјалисти и на чекањето во чекална додека се завршат формалностите. Токму тоа е едно од нашите барања. Протестираа и просветните работници и лекарите од јавното здравство, така што нашиот протест не е ништо различен од другите“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).

    До пладне, никој од надлежните од Министерството за здравство и Фондот за здравство не реагирал на протестот. Претходно, министерот за здравство Беким Сали кажа дека е потребно време за да се решат проблемите кои ги потенцираат приватните лекари. Тие бараат повисока капитација, повисок буџет за руралните доктори и за лабораториите, промена на регулативата за младите доктори да останат во земјава, промена на режимот на препишување лекови.

    „Шест месеци се разговара, но нема поместување. Буџетот на лабораториите кои понесоа голем товар во ковид пандемијата, а не добија никаква помош, не е сменет со години. Ако надлежните не реагираат на овие наши барања, тогаш им е сеедно дали и натаму ќе продолжи намалувањето на бројот на матични лекари и дали ќе се затвораат руралните амбуланти“, додаде Чолакова-Дервишова.

    Нивниот протест ќе трае до 7 септември.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира