Нова станбена населба ќе никне на празниот простор во Влае во близина на населбата Александрија. За изградбата на населбата ќе се пробиваат и прошируваат улици, за што ќе бидат одземени имотни од дворовите и ќе бидат урнати гаражите на староседелците чиишто куќи граничат со новата населба. Ова е предвидено со Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт C3 26, Блок 1 кој опфаќа дел од населбата Влае или таканаречените мавровски куќи.
На вчерашаната јавна презентација беше кажано дека мора да се пробијат и прошируваат улиците за да се обезбеди пристап на новите жители на зградите. Зградите за кои се вцртани маркички се со висина од 5 до 7 ката.
„Зошто ја цртате улицата во нашите дворови кога може да биде на земјиштето каде ќе се градат новите згради, навистина нема логика кога имате празен простор, а вие цртате сообраќајница во нашите имоти. Уништувате живот на луѓе кои педесетина години живеат тука затоа што маркичките веќе ви се поделени, а на нас ни земате имот за да имате повеќе простор за нови згради“, рекоа жителите на населбата на јавната презентација на планот.
„Сакате улица која сега е широка 4,5 метри да ја проширите на 10 метри за да имаат пристап жителите од новите згради и на нас буквално ќе ни ги земете цели дворови и ќе ни минува улицата до самата куќа. Вие кога го правевте планот сте мислеле само на маркичките, но не и на нас. Овој план треба да ни овозможи подобар живот, но со ова што сте ни го испланирале ќе ни го уништите целосно мирниот маалски живот. Ги уништивте сите населби со куќи низ Скопје, сега на ред сме ние“, велат револтирано жителите.
Од Општина Карпош им кажаа дека овој план е многу подобар од претходните решенија, намалена била катноста на зградите, предвидени се спортски игралишта и зелени површини, како и маркичка за градинка.
„Оовј план не е конечен, изложен е тука пред вас за да ги чуеме вашите забелешки. Сите вие може да пополните анкетни листови кои ќе ги разгледа комисија“, рекоа претставниците од Општина Карпош.
А. АНТЕВСКА