Претседателот Стево Пендаровски денеска е домаќин на словачката претседателка Зузана Чапутова, на која ѝ се заблагодари за постојаната и исклучително гласна словачка поддршка за македонските евроинтеграции. Македонскиот претседател рече дека Словачка, како вистински пријател, без калкулации, не поддржуваше во сите ситуации, токму кога беше најтешко и додаде дека се надева на сличен пристап од сите земји-членки на ЕУ, следејќи го принципиелниот однос на Словачка.
„Во оваа прилика, сакам да се заблагодарам за постојаната и исклучително гласна словачка поддршка за македонските евроинтеграции. Токму кога беше најтешко, Словачка, како вистински пријател, без калкулации, не поддржуваше во сите ситуации. Искрено, се надеваме на сличен пристап во иднина од сите земји-членки, следејќи го токму принципиелниот однос на Словачка, како една од движечките сили на Вишеградската група“, изјави Пендаровски на заедничката прес-конференција.
- НЕПРИФАТЛИВА Е ИДЕЈАТА ДЕКА МАКЕДОНИЈА ИМА ОБВРСКА ДА ГИ ИСПРАВИ НАВОДНИТЕ ПОГРЕШНИ ТОЛКУВАЊА НА ИСТОРИЈАТА, ВЕЛАТ ЧЕШКА И СЛОВАЧКА
- НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ЕУ ДА СУДИ НА КОЈ ЈАЗИК ЗБОРУВАМЕ, ВЕЛАТ ЧЕШКА И СЛОВАЧКА ЗА ЗАКЛУЧОЦИТЕ ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО НА УНИЈАТА
На 17 декември 2020, Чешка и Словачка излегоа со заеднички став дека нивните земји нема да дозволат Европската унија „да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, откако во завршниот текст на заклучоците за проширувањето на ЕУ, на барање на Бугарија беше ставена фразата „погрешно толкување на историјата“, а Чешка и Словачка сметаат дека тоа е штетно и ќе предизвика компликации.
Потоа, во февруари 2021, министрите за надворешни работи на Чешка Томаш Петричек и на Словачка Иван Корчок, во заедничкиот текст објавен во „ЕУ Обзервер“ напишаа дека не поддржуваат каква било насока која ќе санкционира интерпретација на историските прашања.
„Неприфатливa е идејата дека Северна Македонија има обврска да ги исправи наводните погрешни толкувања на историјата. Дополнителни услови ќе отворат пат за идни билатерални барања кои потенцијално ќе го комплицираат целиот процес во наредните години, па и децении. ЕУ не е тука да утврди кој е во право, а кој не за прашања во врска со историјата, јазикот или идентитетот“, кажаа тогаш двајцата министри.
Во рамки на денешната посета, Пендаровски и Чапутова положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.