Кралицата Елизабета Втора е ставена под медицински надзор во својата резиденција во Балморал откако лекарите станале загрижени за нејзиното здравје, објави Бакингамската палата.
„По дополнителните прегледи ова утро, лекарите на кралицата се загрижени за нејзиното здравје и препорачаа да остане под редовен медицински надзор. Кралицата останува во Балморал“, соопшти палатата.
За Шкотска веднаш отпатувале принцот Чарлс и неговата сопруга Камила и принцот Вилијам.
Ова следува само ден откако 96-годишната кралица се повлече од вчерашниот онлајн состанок на Тајниот совет, зашто лекарите ѝ препорачале да мирува.
„Целата земја е длабоко загрижена по последните вести. Моите мисли и мислите на целата Велика Британија се со нејзиното височество“, изјави Лиз Трас, која завчера во Балморал беше именувана за нова премиерка.